„Ретвитни оброк“ слави четири години приготвување и делење храна на сиромашни лица

„Ретвитни оброк“ денеска ќе прослави четири години ревносно готвење, приготвување, делење храна на социјалните и бездомни категории на граѓани во Скопје. Настанот ќе се случува во кафе и филм „Котур“ со почеток од 11 часот. Предвидено е да има групно готвење и пакување на оброците, но и многу дружење и забава.

Приказната на „Ретвитни оброк“ започна на 4. 4. 2015 година, па организаторите велат дека четвртиот роденден се решиле да го одбележат на еден поинаков начин.

„Секој од вас е добредојден да дојде и да помогне, а може и да се трампаме. Како? Вие ни носите намирници или зготвен оброк, ние ви даваме маичка со логото на „Ретвитни оброк“. Дојдете да ги дувнеме свеќичките, да готвиме заедно и да им помогнеме на тие на кои им е најпотребно!“, велат организаторите.

За музика ќе бидат задолжени дечките од „Funky Fresh“ ( DJ Drazi Drags, Dj Oky Doky и DJ ILIC ), а во кино салата на „Котур“ ќе биде прикажан и краткиот филм за „Ретвитни оброк“ во продукција на ТВ Телма.