Во Прага, поточно во областа Смичов, од понеделник до петок е отворено бистрото „Готвачи без домови“. Таму за храната се грижат четири готвачки, кои инаку се бездомници. Бистрото се наоѓа на улица „Брожикова“.
„Проектот со бездомните готвачи се спроведува веќе со години, но се уште нема постојана просторија“, вели Михал Хокинек од организацијата „Како дома“.
„Целта е да им се понуди работа на бездомните жени, но исто така да се дестигматизираат бездомните лица воопшто, и да се нагласи женското бездомништво, кое од повеќе аспекти е различно, бидејќи жените на улица се поранливи“, објаснува тој.
За објектот се инвестирани три милиони круни, кои доаѓаат претежно од донации, организации и европски фондови. Објектот функционира како социјален бизнис. Платата на постојан работник е 15 илјади круни, кои повеќето од готвачите ги користат за да враќаат долгови. Организацијата е основана во 2012 година, и се фокусира на жените бездомници.
Готвењето им помага на жените без постојан дом да се вратат на нормалниот живот. Организацијата, исто така, се обидува да го промени погледот на луѓето.
Мените вклучува супа од моркови, пиперки, солена зелка и тофу…
„Ние исто така ќе обработуваме зеленчуци кои не се продаваат во продавницата”, рече Ева, една од готвачките.
Ресторанот е отворен за време на работни денови, од 11-18 часот и ручекот се служи до 15 часот. Супа со леб чини 30 круни.
„Како дополнување на услугата за оброци и други освежувања, ние планираме и проекции, предавања и дискусии на различни социјални теми. Сакаме да создадеме место каде локалните луѓе може да се хранат здраво со достапна цена и да го разберат бездомништвото“, вели Ленка Врбова, од организацијата „Како дома“.