Решена блокадата во училиштето „11 октомври“, новиот директор стапува на функцијата

Наставниците од основното училиште „11 Октомври“ од скопската oпштина Центар претпладнево најавија штрајк, но тој беше прекинат откако се дојде до решение за блокадата на училиштето, предизвикана од недоразбирањата околу поставувањењто на новиот директор, пишува Нова.

Во изминатите неколку месеци, политичките препукувања меѓу централната и локалната власт околу училиштето создадоа блокада на неговото работење, откако претходната директорка, Даниела Костадиновска, одби да ја напушти позицијата и да му ја препушти на Васко Лазаревски, кој беше поставен од општината Центар. Од почетокот на школската година, „11 октомври“ имаше двајца директори, но училиштето не можеше нормално да функционира поради судир на надлежностите.

Сега, спорот е разрешен – на функцијата стапува Лазаревски, додека Костадиновска се враќа во ОУ „Рајко Жинзифов“, каде работела пред Министерството да ја назначи за директорка на „11 октомври“.

Вработените во училиштето сега ја очекуваат задоцнетата октомвриска плата, за која добиле ветување дека ќе биде исплатена што е можно поскоро.

Училиштето „11 Октомври“ стана тема во јавноста откако неодамна се случи труење на стотина ученици. Тогаш, градоначалникот на Центар ја разреши Даниела Костадиновска, по што Васко Лазаревски беше назначен да ја преземе функцијата директор, но Костадиновска одбиваше да ја напушти позицијата. Од Министерството објаснуваат дека таа била поставена на функцијата откако општината Центар не назначила директор навреме.