Ремонт на системот за социјална помош со воведување минимален гарантиран доход

Фајнанс тинк, институтот за економско истражување и политики – Скопје, ги објави резултатите од истражувањето „Ремонт на системот за социјална помош преку воведување на минимален гарантиран доход“ и претстави три предлог шеми за воведување гарантиран минимален доход во Македонија.

Првите две шеми се потпираат на таканаречените скали за еквивалентност. Со овој дизајн, семејството составено од двајца родители и две деца ќе добие максимум 10.800 денари (во првата шема) и 9.660 денари (во втората шема), ако нивниот вкупен приход е под овие нивоа. Ако добиваат одреден приход под овие прагови, тие ќе имаат право да ја примат разликата помеѓу вредноста на гарантираниот доход и доходот што реално го остваруваат. Специфичноста на овие две шеми е дека семејствата би добиле максимален надомест кој не ја надминува минималната плата, што е од суштинско значење за да не дојде до нарушувања на пазарот на трудот.

Третата шема е малку поинаква и ги опфаќа сите домаќинства со приход под 15.300 денари, што е далеку над минималната плата, но помошта е главно условена со активност на пазарот на труд. Во оваа шема, семејството има право да добие надомест еднаков на 50 до 70% од заработениот доход од работа, во зависност од бројот на деца, а до 9.000 денари. Ова се прави со две цели: 1) семејствата да бидат поттикнати да ги пријавуваат сите заработени доходи, особено оние добиени во готовина и / или во сивата економија; и 2) да се спречи поединците да ја намалат понудата за работа, бидејќи надоместот по семејство ја имитира минимална плата по лице. Кога семејството остварува приход помеѓу 9.000 и 15.300 денари, помошта е еднаква на разликата помеѓу максималниот надомест и остварената заработка. Семејствата пак кои не остваруват никаков доход ќе добијат надомест на нивото на апсолутната сиромаштија (1.125 денари) зголемена за 30%, по член на домаќинството. За стандардно семејство од 4 члена, ова би значело трансфер од 5.850 денари, што е на слично ниво со сегашното ниво на социјалната парична помош од 5.973 денари.

„Студијата дава оценка на ефектите од предложените шеми на гарантиран минимален доход. Буџетскиот трошок на секоја од трите шеми би изнесувал околу 250 милиони евра, што е 2.5 пати поголем трошок од оној на моменталниот систем на социјална помош кој чини околу 100 милиони евра. Но, сите шеми произведуваат многу посилни ефекти врз животниот стандард, особено врз сиромаштијата. Секоја од трите шеми ја намалува релативната сиромаштија за околу 10 процентни поени, споредено со состојба во која било каква помош не би постоела, или за двојно повеќе споредено со сегашниот систем на социјална помош. Сметано според семејства (единица за пресметка во студијата), сиромаштијата би се намалила од 31.1% на 21.1%, додека сметано според домаќинства (единица за пресметка од ДЗС), од 25.7% на 15.7%. Шемите би ја подобриле и нееднаквоста во дистрибуцијата на доходот за скоро 5 процентни поени“, укажуваат од Фајнанс тинк.

Сметаат дека првите две шеми нема да предизвикаат демотивација за работа, бидејќи износот што се добива не го надминува прагот на минималната плата. Третата шема поттикнува активација, бидејќи ја врзува помошта како процент од остварениот доход и таа дава благо-позитивни резултати во делот на поттикнување барање и прифаќање работа со полно и скратено работно време.

Оттука, се препорачува Владата и Министерството за труд и социјална политика да ги земе предвид трите дизајни и нивните проценети ефекти и да размисли за воведување шема за гарантиран минимален доход во Македонија.

Сегашниот системот на социјална помош во Македонија пак, посочуваат од Фајнанс тинк,  ја намалува веројатноста за сиромаштија само за околу три-четири процентни поени.