Ректорската управа на ФОН се изјасни против државниот испит за студентите

„Во врска со предложениот државен испит од страна на МОН, Ректорската управа на универзитетот ФОН зазеде став дека е против предложениот концепт на проверка на знаењата на студентите. Аргументите и образложението за ваквата своја одлука ги става на увид на останатите членови на својата академска заедница, студентите и академскиот кадар, со цел да се сондира и нивното мислење и да се утврди конечниот став со кој ќе истапи пред Интеруниверзитетската конференција и пошироката јавност“, пишува во соопштението од ФОН.

„Проверката на знаењата на студентите преку предложениот концепт на државен испит е спротивна на одредбите од Законот за високо образование (автономија на универзитетите), противуставна (го попречува правото на образование, ја ограничува слободата на пазарот на трудот), не е во согласност со веќе акредитираните студиски програми, а по формата, содржината и начинот на кој е планирана да се спроведе е непедагошка и технички комплицирана и скапа (не заради компјутерската поддршка, туку во смисла на големиот број на прашања за секој предмет и студиска програма). Притоа, како таква, ќе иницира мноштво процеси кои ќе бидат на директна штета на студентите, академскиот кадар и општество во целина“, велат од ФОН.

Понатаму, во соопштението пишува: „Од овие причини, иако нашата академска заедница е на мислење дека успешното положување на државен испит од страна на нашите студенти ќе е можност за нивен порамноправен третман при вработувањето во одредени институции во однос на студентите кои дипломирале на некој од државните универзитети, сепак е против воведувањето на државен испит. Притоа, напоменуваме дека не станува збор за „државен испит“, бидејќи не се конкретизирани компетенциите кои се предмет на проверка, не се селектирани содржините и литературата преку кои истите ќе се проверуваат, а преку формата на вреднување на знаењата не се обезбедуваат релевантни податоци. Се работи за вид на екстерно тестирање, сличен на веќе воспоставениот во основното и средното образование, којшто покажа многу слабости.

Државата веќе има имплементирано доволно механизми преку соодветни законски регулативи за следење и контрола на квалитетот на високото образование.

Континуираното опаѓање на тој квалитет во последниве години, иако не е во целост истражено и кванитифицирано, сепак е факт кој никој не го спори. Меѓутоа, наместо да се направат вистински инвестиции за негово подобрување преку вложувања во академскиот кадар, условите за студирање, библиотечните фондови и студентскиот стандард во целина, како и промени во уписната политика и обезбедување на соодветство на бројот на академскиот кадар со бројот на студенти и акредитираните студиски програми на кои е ангажиран, што подразбира системско решавање на проблемот преку комплексен пакет од мерки, површно се протажира единствена алатка, т.н. државен испит, која би требало да ги разреши сите проблеми. ФОН Универзитет стои на ставот дека она што се случува во високото образование, ниту е резултат на недостигот од државен испит, ниту со негово воведување ќе предизвика промени на подобро. Напротив, ќе иницира нови проблеми“.

Прочитајте го целото соопштение на веб-страницата на универзитетот ФОН.