Регионалната соработка – клучна за решавање на проблемите на младите

Триесетина активисти од организации од над 30 европски држави учествуваа на денешната конференција „Наравоученија од Регионална Младинска Соработка“ и ја претставија својата работа во регионалната соработка во Европа.

Регионалната соработка - клучна во решавањето на заедничките проблеми на младите

На настанот организиран од здружението Центар за меѓукултурен дијалог, претставниците на младинскиот сектор ги споделија своите искуства и знаења со претставници од различни земји и започнаа дијалог за поттикнување на социјална кохезија во регионалната соработка и работа со Европските младински програми.

На конференцијата присуствуваа претставници на граѓанскиот сектор, креатори на политики и претставници на инсититуции.

Стефан Маневски, од Центарот за меѓукултурен дијалог истакна дека постои голем потенцијал преку создавање на регионални партнерства во областа млади, директно да се влијае кон решавање на заедничките проблеми.

„Затоа е важно оваа можност да им биде достапна на младинските организации и преку споделување на добри пракси да создадеме регионална младинска соработка низ Европа која ќе биде нова димензија во младинската политика“, рече Маневски.

Соња Митер од Регионалниот центар за поддршка и обука во рамки на програмата Млади на ЕУ за Југоисточна Европа САЛТО, посочи дека преку програмата Млади во акција многу организации стапија во контакт со организации од други земји.

„Важно е научените лекции од ваквата соработка да бидат употребени во идните планирања со цел локалната видливост и промени од проектите да биде посилна“, додаде Митер.

Снежана Манчева од Националната Агенција за Европски образовни програми и мобилност истакна дека програмата Млади во акција во Македонија помогнала за зајакнување на младинските организации и за воспоставување на долгорочна соработка во младинскиот сектор.

Ивана Давидовска од Националниот Младински Совет на Македонија рече дека НМС е платформа за соработка помеѓу различни организации.

„Во нашето создавање голема поддршка дадоа другите младински совети од регионот, пред се Хрватска и Србија. Добрата пракса од формирањето на НМС се надеваме дека ќе ја користиме при воспоставувањето дијалог и за теми кои се од заеднички интерес на сите младински совети во регионот“, рече таа.

Учесниците на конференцијата побараа од институциите можности во новите програми за млади на Европската унија, како и вклучување на потенцијалите што регионалната соработка ги нуди за развој на младинскиот и регионалниот сектор.