Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, која застапува повеќе од 8.000 членови, го осудува насилното влегување во Српската радио телевизија (РТС) од демонстрантите.
Платформата потсетува дека инцидентот се случи во саботата, 16.03.2019 откако групата „1 од 5 милиони“ која одржуваше антивладини протести се собра пред зградата на РТС и потоа влезе со барање да им биде дозволено на нивните лидери да се обратат до јавноста. За време на инцидентот полициски службеници беа распределени во телевизијата и по неколкучасновни конфронтации демонстрантите ја напуштија зградата. Ниту еден новинар не беше нападнат за време на инцидентот, а полицијата уапси 18 лица за учество во истиот.
„До овие случувања дојде откако кулминираа протестите кои траат веќе три месеци против режимот во Србија и неисполнетите барања за обезбедување на медиумски плурализам во согласност со законот. Барањата на лидерите на овие протести за гостување на јавниот сервис се’ уште се неисполнети“, соопштува Платформата.
„Во бројни случаи предупредувавме дека јавниот сервис треба да ги почитува професионалните новинарски стандарди и закони и да одолее на политичките притисоци преку коректно известување“, рече Жељко Бодрозиќ, претседател на Независното новинарско здружение на Србија(НУНС) и додаде: „Во секој случај, насилно влегување во просториите на РТС е недозволиво и несоодветно во демократски општества. Тоа не може да биде дел од било кое цивилизирачко решение и затоа го осудуваме истото“.
Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите ја препознава комплексноста на моменталната ситуација во Србија и се придружува на НУНС во осудата на овој инцидент.
„Ги повикуваме демонстрантите да ги почитуваат медиумските работници и да се воздржат од инциденти кои лесно може да прераснат во насилство. Истовремено, го повикуваме менаџментот на Српската радио телевизија да ги почитува законите и да го отвори своето студио за сите политички партии и претставници на граѓаните. Ја потсетуваме РТС дека преку необезбедување на медиумски простор за протестите кои се случуваат во речиси цела држава, јавниот сервис не работи во јавен интерес и не им служи на граѓаните на Србија“, стои во соопштението на Платформата.
Независното новинарско здружение на Србија забележа 10 инциденти во 2019 година, еден физички напад врз новинар, осум вербални закани и едно уништување на имотот на еден медиум.