Редот на Џедаите во Велика Британија не успеа да се регистрира како религиозна група

Организација инспирирана од серијалот „Војна на ѕвездите“ не успејала да ја убеди Комисијата за хуманитарни организации на Велика Британија дека е религиозна организација.

Храмот на Редот на Џедаите, чии членови ги следат правилата на древниот ред од филмовите „Војна на ѕвездите“, оваа година успејал да го добие статусот, но комисијата решила дека не ги исполнуваат критериумите за религија под законот на Велика Британија.

Комисијата напишала дека на Џедаизмот „му недостасува потребниот спиритуален или несекуларен елемент“ кои се потребни во една религија.

Храмот на Редот на Џедаите е „организација базирана сосема на интернет, а Џедаите се претежно онлајн заедница“, забележува комисијата. Имало „недоволно докази дека моралниот напредок е најважен за верувањата и практиките на групата“.

Се додава дека доктрината која ја промовира групата многу позајмува од други светски религии и филозофии, како и дека е отворена за толкување и повеќе интерпретации.

Во Велика Британија, Џедаите се најпопуларна алтернативна религија последните два пописи, откако национална кампања довела до тоа повеќе од 390 илјади луѓе да се опишуваат себеси како Џедаи витези во пописот од 2001 година.

Храмот на Редот на Џедаите не може да каже точни бројки за тоа колку активни членови имаат во Велика Британија. Околу 30 илјади луѓе имаат профили на сајтот од цел свет, а околу 750 луѓе годишно стануваат членови.