Речиси 9 000 деца бегалци се пријавени како исчезнати во Германија

Речиси 9 000 деца бегалци и тинјеџери се пријавени како исчезнати од 1 јули, според германската полиција. Бројката е речиси двојно зголемена од почетокот на годината.

Најмалку 8 991 дете бегалец под 17 години повеќе не е во контакт со властите, покажуваат податоците објавени од германската полиција, по барање на германскиот дневен весник „Neue Osnabrücker Zeitung.” Во јануари годинава, 4,749 биле познати како исчезнати. Поголемиот дел од исчезнатите се во тинејџерските години, додека 867 од нив се деца под 13 години.

Портпаролот на полицијата нагласи дека не сите деца кои се исчезнати значи дека се во опасност.

„Во многу случаи, исчезнувањето на овие деца не е случајно, некои од нив патуваат за да ги видат своите родители, роднини или пријатели во други германски градови, па дури и во други европски држави“, изјави портпаролот за весникот, објаснувајќи дека откако тие ќе се вратат, фамилиите најчесто не го информираат властите за тоа, па имињата на „исчезнатите“ деца остануваат во датабазата.

Покрај ова, постои проблемот со повеќекратно регистрирање, односно кога децата се преселуваат во друг регион, или по губење на лична карта, со нивните имиња често погрешно напишани, па сето ова води кон дупликати во системот. Поради ова, се верува дека повеќето исчезнувања се безопасни.

„Немаме докази дека некои од малолетниците паднале во раце на криминалци“, изјави портпаролот.

Минатата година, приближно 5 800 деца бегалци беа пријавени како исчезнати во државата. Властите не успеаја да го објаснат исчезнувањето, но државната разузнавачка служба предупреди дека исламистичките групи би можеле да регрутираат малолетници.

Германската Зелена партија ја обвини владата дека не ги сфаќа сериозно „опасностите од присилната сексуална работа и експлоатацијата“.

Европската полициска агенција Еуропол информираше на почетокот на годината дека речиси 10 000 деца бегалци, кои биле без придружба, се исчезнати по пристигнувањето во Европа. Половина година подоцна, тие немаа нови податоци, но неодамна соопштија дека бројката е многу поголема.

Германија очекува 300 000 нови бегалци оваа година. Германската канцеларка Ангела Меркел во неделата ја увери јавноста дека Службата за миграција и бегалци е подготвена да се справи со оваа бројка.