[Рецензија] „Wild“: Не е лузер тој што не успева, туку тој што нема да се обиде

Не спаѓам меѓу фановите на Reese Witherspoon. Тешко поминувам преку некои нејзини сладникави, потпросечни филмови од минатото, но и преку нејзината тенденција да преглумува во сегашноста. Не знам дали тоа повеќе се должи на нејзиниот стил или на мојот вкус, но Reese за мене останува актерка од вториот холивудски ешалон. Со ова очигледно не се сложуваат експертите од Американската академија на филмски уметности и науки, кои за улогата во „Wild“ ја почестија Witherspoon со втората номинација за „Оскар“ во нејзината кариера (еднаш веќе ја има освоено највредната награда, за остварувањето во „Walk the Line“, биографскиот филм за Johnny Cash, во 2005).

Зошто главната актерка е толку важна во погледот кон овој филм? Затоа што тој е толку многу насочен кон неговиот централен лик – во споредните улоги се појавуваат редица одлични глумци, но пристапот кон нивните ликови е толку површен, што речиси и да не се вредни за спомнување.

wild-1

Индивидуализмот е средишна точка на западната (читај американската) култура и животна филозофија. Човекот, осамениот каубој, во идеалите на „американскиот сон“ што Холивуд скоро сто години ни ги продава, сам се пробива, сам успева, но и сам ги трпи последиците на евентуалните животни неуспеси. Да бидеш „лузер“ во оваа филозофија е речиси забрането. Но, неуспесите во реалниот живот се премногу чести и тешки, а ретки се оние што вистински го живеат сонот. Затоа, во американскиот збир на правила е вметната провидната утешна „клаузула“ – губитник не е оној што не успеал, туку оној што не се обидел.

Иако многумина би рекле дека изворниот американски дух денеска е сведен на скршени остатоци и избледени сеќавања, тој и натаму е честа инспирација за уметноста, посебно за филмот. Навикнати сме да гледаме како темата и атмосферата „американа“ е предмет главно на филмовите од независната, инди-продукција. Во „Wild“, по подолго време, еден холивудски филм се враќа кон американското, но го користи не како филозофска основа или содржинска водилка, туку само го презема неговиот естетски идентитет. Ок, не само естетскиот – филмот сепак е за индивидуалецот, за тоа како тој, ако доволно силно се потруди, ќе ги надмине своите слабости, ќе ги победи своите демони. Ова е толку излижана база за уметничка опсервација, што канадскиот режисер Jean-Marc Vallèe („Dallas Buyers Club“, „The Young Victoria “) имал тешка задача да истражи и претстави некоја нејзина нова димензија.  Успеал само делумно и недоволно.

wild-2

„Wild“ е адаптација на романот-бестселер на Cheryl Strade, во кој авторката ги опишува сопствените искуства. Тоа е драма за внатрешните борби на една млада жена, која решава да се бори со своите трауми и со последиците на погрешните животни одлуки со тоа што ќе тргне на исцрпувачки пат по планинските венци на западниот американски брег. Пацифичката планинарска патека, во очите на нашата хероина е совршениот амбиент за преиспитување на душата, за пронаоѓање на мотивот за живот, за нејзината голема лична катарза.

Сто и кусур дена, наспроти изгледите, младата жена сама, без ничија помош, упорно чекори низ 1.800 километри едвај допрена дивина, по кршовите на Сиера Невада и Каскада, во потрага по внатрешниот мир. Во ова измачувачко патешествие, низ кое провејува старата аналогија на Исусовото подвизување во Јудејската пустина, Cheryl повторно ги преживува траумите од прерано прекинатиот живот на нејзината мајка, од несреќниот брак и од нејзините мачни промискуитетни денови полни со дрога и неморал. Срцето, кое таа самата себеси си го скршила, самата почнува да си го лечи. Болката се претвора во енергија, јадот во упорност, издржливост и цврстина.

wild-3

Witherspoon, ако се потрудам да бидам објективен, не е лоша во оваа улога. Таа, сликајќи го ликот кој поминува низ тешки искушенија, постигнува солидна уверливост и извесна допадливост. Далеку од лоша е и режисерската постапка на Vallèe – тој го води филмот умешно, заводливо и занаетски прецизно. Но, ако очекувате изненадување или пресврт, нема да го дочекате во оваа предвидлива приказна. Наместа прилично статичен и опасно блиску до границите на здодевноста, „Wild“ сепак успешно бега од патетиката и држи една линија на заинтересираност кај гледачот. Во тоа помагаат прекрасните локации на снимање на дивиот, нескротен Запад – недогледот на снежни врвови, густи борови шуми и негостопримливи камени долини е ефектна фотографска подлога на овој филм. Музиката, пак, е посебно добра и соодветна – во позадината, најчесто ненаметливо, слушаме блескав избор на главно американски, класични рок и фолк песни. Звуците на Leonard Cohen, Simon & Garfunkel, Bruce Springsteen, The Hollies, се важен дел од атмосферата во „Wild“.

Ова, накусо, не е лош филм. Но, атрактивните локации, убавата фотографија, режисерските трикови и добрата музика не се доволни „Wild“ да биде врвен филм. Тој едноставно не може да се оттргне од просечноста, од баналноста на неговата излижана, стопати видена и доживеана приказна. Во филмот има премалку шарм и непредвидливост, а премногу познати чувства – тој и покрај сите напори, во целина останува двочасовно клише. Сепак, според јасните американски правила, за неговите автори нема место во срамниот ред на лузерите – тие сепак направиле напор и искрено се обиделе.

Жарко Настоски