[Рецензија] Стровија фестивал – Прв ден 

Убавината на неофицијалните фестивали е немањето лимит. Никаде не се брза, и сѐ се случува во свое време, а кога мора да се држиме до правилата во градските агенди, ретко е да се слушнат вакви концерти во доцните часови. Во Стровија, бидејќи не пречевме на никој и ја изгубивме перцепцијата за време, сѐ изгледаше поинаку. Иако во природа времето тече различно отколку во градот, нашите тела навикнати на хаос го чувствуваат контрастот, затоа слушањето на ваква музика во доцните саати и ваква атмосфера, нуди сосема ново искуство.

Првиот ден на фестивалот, програмата почна неколку часа подоцна од планираното. Никој не доби желба да се пожали, на сите ни одговараше идејата на непостоење на време. Првиот настап беше соло проект на Алекс Галевски – Warm Hands – Акустичен сет кој не воведе во топлината и енергијата која следеше. Прекрасен почеток за целиот настан. По Алекс, настапи младиот нов и успешен бенд од Кочани – Корка. Створија прекрасен интензитет и ги натераа сите да станат, да танцуваат и да влетуваат во шутки, кревајќи ја атмосферата со својата младешка енергија.

А потоа, по полноќ:

„Член 16“

Член 16

Нов, штотуку појавен бенд на сцената. Ова им беше само втор настап, а веќе уште од самиот почеток ја прикажаа својата реткост. Не е вообичаено да се најде бенд без гитара на нашата сцена во моментот, па ова дојде како нова свежина. Од старт сфаќаш дека не звучат како никој друг. Составени од синт, бас и тапани, на почеток се чинеше како нешто да недостасува во тапаните или како да не прават многу, но токму тоа им даде простор на другите 2 инструменти да се развијат. Басот румореше од земјата, синтот дивееше а со тек на време и тапаните го најдоа својот пулс.

Музиката звучеше вознемирувачки – збор што веднаш ми дојде на ум додека слушав. Длабока и евокативна. На почетокот имаше вокали со ефекти од Лука (синтисајзер), додека лудиот бас-ритам на Марко и тапаните на Благојче создаваа површина за манијакалниот вокал целосно да се изрази. Звучеше како гласовите во твојата глава да одекнуваат во умот, со синтови што излудуваат во позадина. Во еден момент слушнав викот на „Нејќам“, што уште повеќе ја засили идејата за тие доцноноќни гласови што фунцкионираат во твојата свест, додека се обидуваш да изгледаш нормално, но си совладан од хаосот внатре. Поп-културна референца што можам да ја направам за секој да разбере, е Тепачки Клуб (Fight Club) — сцените кога нараторoт не може да заспие и талка низ ноќта, борејќи се со сопствените демони.

Музиката беше совршено погодна за доцноноќна сесија. Темното, ѕвездено небо над планината Даутица, и жедните души за музика што се собраа да слушаат нови звуци кои ќе ги инспирираат да постојат. Кон крајот на нивниот настап, отсвирија тешка, длабока трака  со вокал на Марко. Со силна емоција и болка во гласот, ја напуштија сцената за да му отстапат место на следниот бенд.

„(точка) ком“

(точка) ком

Бенд кој во изминатата година доби своја целосна форма. Она што започна како чиста импровизација меѓу тројца музичари, сега прерасна во целосен бенд со веќе компонирани траки. На нивните неколку последни настапи еден од нив на фестивалот Сепак Се Врти во Скопје, веднаш по силно невреме со целата енергија од бурниот ден и својата музика нè доведоа до трансцендентална состојба. Токму тој настап беше и искрата што ги донесе да свират на фестивалот во Стровија.

Излегоа на сцена околу 1:45, тивко појавувајќи се на сцената – започнаа. Бенд кој е вистинско задоволство за љубители на ритам, трио со два сета тапани. Од самиот почеток беа енергични, донесувајќи го својот динамичен краутрок звук. Многу бендови кога настапуваат во живо ствараат некакво колективно искуство – нешто заедничко за танцување и забава. Кај точка ком е спротивното, тие отвораат простор за нешто многу лично. Повторливите тапани, нивното удвојување, создаваат ритам кој извлекува од физичкото постоење. Пренесенуваат во друга состојба, секој од публиката е во различен аспект на нивното себство. По својата патека, со своето патување. Слободно може да се патува било каде додека гласот на Мартин полека лебди над сето тоа, со стихови кои секогаш допираат длабоко во душата.

Токму текстовите во точка ком го создаваат колективниот момент. Додека музиката му дозволува на секој да отплови во своја насока, зборовите нè поврзуваат, нè потсетуваат дека дури и кога сме изгубени во одвоени патувања, сè уште сме овде, заедно.

Ретка е можноста да стоиш во шума, доцна навечер, и да слушаш таква ритуална музика.

Доцниот крај на првата вечер нѐ остави задоволни и исполнети, чекајќи го следниот ден и новите настани.

Продолжува…

Ирена Стевановска
Фото: Сара Богоева

*Рецензијата првично е објавена на сајтот на Мono-ton, каде можете да прочитате различни музички и албумски рецензии, најави за културни настани и сл. Мonо-ton е отворен за луѓе што сакаат да напишат нешто или да споделат рецензија.