За јапонското дуо „heavenphetamine“ немав чуено премногу. Освен тоа дека два пати биле да свират во Скопје и биле „супер“ и „одлични“. Толку. Ама тоа ништо не ми значеше. Затоа сакав да ги слушнам во култниот локал „Ла Кања“ во Старата скопска чаршија, свирка организирана од газда Змејко со помош на Ѓорѓи Јаневски од „5060“, како финиш на нивната тура низ Балканот и Македонија.
Самото име „heavenphetamine“, очигледна споенка од „рај“ и „амфетамин“, дополнително ме натера да пуштам нивниот Бендкемп (bandcamp) (омилената музичка платформа) и да отворам уво за нивниот звук. И, да сфатам дека, прво, нивниот прв долгосвиречки албум „The Sun on a Winter Day“ е снимен во Киев среде воздушните напади и прекини на струја во Украина, а, второ, се работи за музичко дуо што е блиску до мојот сензибилитет на рокенрол-електронски-психоделични „патувалки“. Затоа изгасив Бендкемп-от, бидејќи ако ги преслушам и се навлечам на некоја од траките, после на концерт ќе очекувам да ми ја свират таа или онаа, па нема да биде тоа спонтано патување. Ќе се туфкам во место. Во очекување, дека нешто треба да се случи. Баталив!
Она што во старт не ми се допадна за свирката, е тоа што есента си донесе дожд, а дождот по автоматизам ги сели свирките внатре во „Ла Кања“, наместо да ги осетиме како што треба прилепени на импозатниот ѕид на Чифте Амам, каде воедно беа најавени експериментални филмови од јапонскиот режисер Тошио Матсумото. Јбг. Тоа е тоа. Внатре, стиснати, гужва, само главата можеш да ја мрдаш. Не дека не сме навикнати на свирките по мали клубови или омилените „дупки“ низ градов, туку сум екстровертна личност што сака танц! Да се губам во играње. Еден стар чичко со побелена брада викаше „Танцот е активна медитација. Кога танцуваме, одиме над просторот, над мислата, над умот, над нашата индивидуалност“. Се сложувам. Сакам да летам. Брливо. Без заддршка на време и простор! Виуууууууу, бабаууууу, џагаууу!
Музиката на „heavenphetamine“ е таа што го спаси овој недостаток на есенско-зимскиот ноќен и концертен живот на Скопје. Хироки Ода (синтисајзер/вокали) и Сара Ода (тапани/вокали) свират музика која истовремено е прецизна и непредвидлива. Организаторот на настанот пиша: „Ги синхронизираат тапаните со електронски синт секвенци и луп педали, создавајќи хаос од дисциплина и слобода во кој се раѓаат композиции што пулсираат како техно, но задржуваат панк енергија и органски звук“. Се сложувам и со него. Исто како со побеленото старче полно мудрости за нас танцувачите.
Јапонците почнуваат нежно, бавно, ама потоа ритамот на тапаните на Сара убрзува. Во меѓувреме, и Хироки почнува со мелодичен интимен вокал и суптилно свирење по сајзер, ама после динамиката расте. Двајцата истовремено ја движат динамиката, ја растат, ја кулминираат во екстатичен крај. Траката знае да трае, и трае, и трае. „Патувалката“ си вози по 6-7-8-9 минути… Што, мене апсолутно ми одговара! Тоа го имаат „уиграно“ до ниво на формула, ама не во вид на генерична трака, туку музиката „дише“ со повеќеслојност и живот. Во овој музички универзум (краут, психоделија, пост-панк, есид хаус), жанрот е само хемиска состојка за дожувување и препуштање. Тамам. Уште ако беше надвор, или на пошироко – тогаш ќе можевме да збориме за нешто вонсериско. Се надевам ќе ги фатам и во таква варијанта, зашто треба!
Свиреа саат, или саат и кусур. Не знам точно, зашто не погледнав на саат, што е добар знак. После се дружевме со Хироки пред „Ла Кања“. Муабетевме, од сè по многу. Ми делува на приземен момак, што сака да скита, да свири и да заедничари. Да живее за настапи, биле тоа сквотови, биле тоа фестивали.
На прашањето што ќе прават откако заврши турнејата, Хироки возврати:
„Не заврши! Сега одиме за Франција, Холандија, Белгија, Италија, Словенија, Унгарија… Нашиот живот е на турнеја“.
Потоа двајцата Јапонци со инструментите на рамо исчезнаа во темниците. Ги снема, додека ние останавме да дремеме пред „Ла Кања“. Кога дојдов дома, освен што пуштив нивна музика, наскоро видов што „heavenphetamine“ пишале на Инстаграм:
„Во нашата музика ја вложуваме сета топлина од луѓето што сме ги сретнале на нашите патувања, убавината на природата што сме ја виделе, карактерот на градовите, историјата што сме ја научиле, како и војните и масакрите што сè уште се случуваат денес – и го носиме тој звук во твојот град“.
Бојан Шашевски
*Рецензијата првично е објавена на сајтот на Мono-ton, каде можете да прочитате различни музички и албумски рецензии, најави за културни настани и сл. Мonо-ton е отворен за луѓе што сакаат да напишат нешто или да споделат рецензија.