На седница на Управниот одбор на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) е донесена одлука за кадровски промени со кои се разрешени актуелните директори на РЕК Битола и РЕК Осломеј.
Па така, на местото на Златко Ќурчиевски од РЕК Битола, за в.д директор е назначен Пеце Матевски, досегашен директор на Термоелектрана.
На позицијата на Златко Пиперкоски од РЕК Осломеј, доаѓа како в.д. директор Стојан Мицкоски, досегашен технички директор во Рудници.
Од ЕСМ најавуваат дека во следните денови ќе бидат извршени и други кадровски поместувања внатре во комбинатите, со цел како што велат, да се подобри процесот на производство и соочување со предизвиците од енергетската криза.
Владата на 9 ноември прогласи кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија во траење од 30 дена, поради намалување на капацитетите на домашното производство, но, истовремено и заради зголемените цени на странските берзи. Овој потег беше направен за да се вложат финансиски средства во енергетските компании се со цел да се стабилизира состојбата на пазарот со електрична енергија.
Тогаш министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека треба да има одговорност за намалувањето на домашното производство на електрична енергија во земјава. Сепак, посочи дека земјата првично треба да се справи со енергетската криза, а потоа да се донесат соодветни мерки и да се разговара за конкретна одговорност за тоа кој потфрлил.
Вчера од ЕСМ, пак, информираа дека од повикот за набавка на јаглен за РЕК Битола ќе биде потпишан договор за набавка на 90 илјади тони јаглен, од Албанија.
„Од деветте фирми кои дадоа 14 понуди од различни рудници во Р. Северна Македонија и од регионот, дел од понудите не одговараа технички во однос на јагленот, додека дел имаа недостатоци во економско-финансиската евалуација, односно во назначениот рок немаа доставено комплетна документација. Од тие причини, повторно ќе биде објавен отворен повик во времетраење на целата грејна сезона и очекуваме да се обезбедат дополните 810 илјади тони јаглен за РЕК Битола и 170 илјади тони за РЕК Осломеј“, информираат од ЕСМ.
Според нив, отворениот повик ќе биде дополнителна можност за компаниите да ја комплетираат документацијата. Оттаму посочуваат дека таков бил случајот со понудата на јаглен од Косово која како што велат од компанијата, ги задоволува техничките, финансиските и количинските барања на повикот.
„Економскиот оператор не успеа во првиот рок навремено да достави договор склучен со КЕК-државните електрани на Косово како испорачувач на јагленот, поради тековната промена на раководниот тим во косовските државни електрани. Сите економски оператори ќе имаат можност во текот на грејната сезона да доставуваат понуди, до обезбедување на бараните количини“, информираат од ЕСМ.
Покрај ова, од компанијата велат дека го засилуваат ископот на сопствен јаглен за да го обезбедат производството на електрична енергија во текот на зимската сезона.
„Нивото на ископан јаглен на депонијата во РЕК Битола изнесува 200 илјади тони“, уверуваат од ЕСМ.