Расте бројот на заболени од грип, за една недела евидентирани 853 случаи

Само за една недела во Центарот за јавно здравје се евидентирани 853 грипозни лица. Кај едно дете е потврден бактериски менингитис и е хоспитализирано на Клиниката за инфективни болести.

Епидемолозите очекуваат бројот на заболени од сезонски грип да расте пред и по празниците.

Лани не се прогласи епидемија на ова сезонско заболување, лекарите се надеваат дека таа слика ќе се повтори и годинава.

Комисијата за заразни болести донесе одлука да препорача темелна дезинфекција на сите детски градинки и училишта низ државава. Дезинфекцијата треба да ја направат Центрите за јавно здравје во петок во попладневните часови, и во сабота претпладне. Во училиштата, пак, дезинфекцијата ќе се прави додека децата се на распустот, пред почетокот на второто полугодие.