Расте бројот на тестирања, но и процентот на позитивни тестови на Ковид 19

Министерството за здравство информира дека согласно извештајот на Институтот за јавно здравје кој се однесува на периодот од 5 до 11 октомври 2020г., тестирани се вкупно 13.028 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2, или 32,5% повеќе во однос на минатата недела.

Минатата недела се регистрирани вкупно 2.243 нови позитивни случаи од 33 града во државата, што претставува зголемување од 86,5% во однос на неделата пред неа. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Гевгелија. Исто так расте и процентот на позитивни случаи од тестирани во овој период и изнесува 17.2% или 5% повеќе во однос на претходната недела.

Овие податоци се дел од редовниот, неделен извештај на Институтот за јавно здравје кој се однесува на периодот од 5 до 11 октомври 2020г. Во овој период се тестирани 13.028 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2, или 32,5% повеќе во однос на минатата недела.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст 30-39 (n=456, 20,3%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40-49 (n=440; 19,6%), 20-29 (n=414; 18,5%), над 60 (n=405; 18,1%) и 50-59 (n=343; 15,3%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=53; 2,4%) и 10-19 години (n=132; 5,9%).

Во споменатиот период, од случаите кои се епидемиолошки истражени , регистрирани се 94 (7,1%) хоспитализирани, а кај 319 (23,7%) лица е регистрирано присуство на коморбидитети. Од вкупниот број на нови случаи, 513 (38,1%) имале контакт со потврден случај. Регистрирани се 22 (1,6%) лица со историја на патување (во последни 14 дена).

Пријавени се 31 смртен случај од 15 градови, за еден повеќе од претходната недела. Во однос на возраста, 26 лица биле над 60 години, а 4 лица на возраст од 50-59 години. Само едно лице е од возрасната група 40-49 години. Коморбидитети се регистрирани кај 24 починати лица.

По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 815 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 29 повеќе споредено со претходната недела.

 

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.