[Видео] „Расплет фестивал“: Кога тишината е гласна, ние треба да бидеме уште погласни

На Споменикот на слободата во Кочани синоќа се одржа првата вечер од дводневниот хуманитарен фестивал „Расплет“, организиран од млади луѓе, меѓу кои и бендот „Корка“.

Под рефлекторите меѓу мозаиците на Глигор Чемерски, на ридот Локубија, свиреа повеќе бендови, а организаторите рекоа дека вниманието на јавноста сè повеќе и повеќе се губи и луѓето забораваат на трагедијата во Кочани.

Оттука, порачааа дека не смеат да дозволат таквата ситуација да остане незабележана и донациите не треба да стивнат.

„Сега, тишината е гласна, а ние треба да бидеме уште погласни. Донациите стивнуваат, а тие сега се повеќе од потребни. Таму имате кутија и сите можете да донирате. Да покажеме дека можеме да бидеме хумани, како што тоа го направивме непосредно по 16 март“, посочија организаторите во почетниот говор на хуманитарниот настан.

Како што нагласија, фестивалот е во чест на нивната другарка и соученичка Сара Јорданова – музичарка во бендовите „Ломза“ и „Корка“.

„Како музичар и љубител на музиката, сите тонови што ќе произлезат овие две вечери се во нејзина чест“, посочија во говорот.

Воедно, на стартот од „Расплет“ имаше чествување и читање на имињата на сите млади од трагедијата на 16 март, се одржа едноминутен молк, а беа споменати и повредените, но и луѓето кои директно и индиректно се поврзани со овој настан.

„За жал, сите нив ги спојува болката. Се разбира, болка на различен начин, затоа ние младите како музичари, со организирање на вакви настани, социјализирање и дружба, заеднички би можеле да се поддржиме едни со други, исто така да промениме нешто“, рекоа младите на „Расплет“.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Радио МОФ (@radiomof)

„Цел ни е да ја вратиме таа желба да се донира, бидејќи (желбата) сè повеќе гасне, а сè уште има луѓе на кои им е потребна финансиска помош. Првата песна што ќе ја свириме е ‘Пикник во Валандово’, омилената песна за свирење на Сара“, рекоа дечките од „Корка“, кои настапуваа први.

На првата вечер од фестивалот свиреа и „Алембик“, „Такси Конзилиум“, „Хајка“ и „Јаблан“.

Настанот беше посетен од млади луѓе, локални и од цела Македонија, но имаше и граѓани од разни генерации и родители. Дел седеа, будно следеа, а дел им се приклучија на младите во првите редови и заедно играа пред бината. Немаше шанк, но имаше простор за оставање донации.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Радио МОФ (@radiomof)

Денес ,,Расплет” од 20:30 часот продолжува со ,,Mallard”, ,,Големата вода”, ,,chambre des ~ sourds”, ,,Луфтанза”, Donplaya и диџеј Gianni.

Бојан Шашевски