„Расплет фестивал“ – хуманитарен музички настан на 1 и 2 август во Кочани

На Споменикот на слободата во Кочани на 1 и 2 август ќе се одвива дводневен хуманитарен музички настан „Расплет фестивал“, организиран од млади луѓе од Кочани.

„Четири месеци се поминати, но раната оставена од трагедијата е се’ уште свежа. За жал, вниманието на јавноста сè повеќе и повеќе се губи, а луѓето забораваат. Не смееме да дозволиме таква ситуација да остане незабележана. Тишината во овој момент е гласна, затоа ние треба да сме погласни“, посочуваат дечките од „Расплет фестивал“.

Како што нагласуваат, главна цел на настанот е да подигнат свест дека донациите не треба да се намалат и дека се потребни исто како уште првите денови на формирањето на Support Kocani.

„Донациите стивнуваат. Ние сме овде да ве потсетеме дека донациите не смеат да запрат, бидејќи им се најпотребни на повредените кои чекаат за нив, од кои некои директно се вклучени во фестивалот за нивна повторна социјализација“, соопштуваат тие.

Причината за дводневното времетраење, велат младите организатори, е за да може да се привлече поголемо внимание кон Кочани и сите засегнати од трагедијата и да се собере што можно поголем број на донации.

„Вториот дел од настанот (сабота, 2 август) ќе започне подоцна, да се остави простор на мировниот марш, кои ние со сè срце го подржуваме, учествуваме и повикуваме луѓе да земаат учество и надвор од Кочани. Само ние, младите, можеме да си помогнеме едни на други“, нагласуваат младите организатори на „Расплет фестивал“.

Тие посочуваат дека целиот настан е посветен нa Сара Јорданова, нивна драга пријателка и соученичка која го загуби својот живот во пожарот, но и кон сите други засегнати.

„Се гледаме на први и втори август на Споменикот на слободата во Кочани!“, стои во соопштението за „Расплет фестивал“.