Радио МОФ објавува повик за 6-месечна обука и пракса за граѓанско новинарство

Радио МОФ  Радио МОФ објавува повик за пет учесници за „Обука и пракса за граѓанско новинарство”, чија основна цел е да вклучи заинтересирани млади активисти во работата на овој медиум, да обезбеди граѓански известувања и анализи за важни општествени случувања и да го зајакне граѓанското аналитичко учество во јавниот интернет простор.

Повикот е отворен за сите заинтересирани млади лица на возраст од 18 до 25 години, со или без претходно новинарско и медиумско искуство, кои сакаат да стекнат основни новинарски знаења и техники за теренско известување и продукција на медиумски објави.

Обуката и праксата за граѓанско новинарство ќе се реализираат во периодот јануари – јуни 2014 година, под координација и менторство на искусни новинари од Радио МОФ.

Селектираните учесници, низ тимска и индивидуална работа ќе се стекнат со следниве знаења и вештини:

• разбирање и распознавање на условите во медиумска сцена во Македонија;
• разбирање и распознавање на условите во интернет просторот во Македонија;
• селектирање настани и случувања за кои е потребно да се известува и да се информира пошироката јавност;
• техники на изразување заради известување (текст, фотографија, аудио, видео);
• техники на известување од терен;
• техники на реализација на интервју;
• аудио и видео монтажа;
• пакување на медиумски објави во соодветни формати за објавување на интернет;

Учесниците на оваа „Обука и пракса за граѓанско новинарство”, за време на својот шестмесечен ангажман ќе имаат можност своите медиумски објави да ги објавуваат на веб страната на Радио МОФ и да станат дел од редакцискиот тим на овој медиум.

Предвидениот волонтерски ангажман на селектираните учесници изнесува 3 – 6 работни часа неделно. Сите заинтересирани кандидати може да се пријават преку испраќање кратка биографија и мотивационо писмо, најдоцна до 31 декември, на адресата: info@radiomof.mk

Селекцијата на 5 (пет) учесници ќе биде реализирана најдоцна до 15 јануари, а обуките и ангажманите ќе започнат во текот на февруари 2014 година.

Радио МОФ е интернет радио кое продуцира и споделува музички и информативни содржини достапни на www.radiomof.mk.
Поведени од фактот дека е ограничен просторот во кој младите можат да се изразат, креиравме медиум кој е отворена станица за промоција на младинската, културната и креативната заедница. Нашата целна публика се сите млади луѓе и сите граѓани чиј интерес е да бидат информирани за статусот на младите во општеството и кои сакаат негово подобрување.