Радио МОФ @ Cinedays: „Само за губитници“ и „Една Епизода од животот“

Шестиот ден на овогодинешното издание на Cinedays, за тимот на Радио МОФ, помина во знакот на СинеБалкан и двата филма кои ги погледнавме: „Епизода во животот на еден собирач на железо“ и „Само за губитници“.

Радио МОФ @ Cinedays: „Само за губитници“ и „Една Епизода од животот“Кога станува збор за состојбата на маргинализираните заедници и начинот на кој повеќето организации, институции и поединци се обидуваат да го променат јавното мнение, навикнати сме на приказни во кои членовите на овие заедници се претставени како беспомошни, очајни и индиферентни отпадници од општеството.

„Епизода во животот на еден собирач на железо“ на режисерот и сценарист Данис Тановиќ излегува од овој калап и на еден многу реален начин го отсликува животот на семејството Мујиќ. Филмот е направен по вистинита приказна која се случила во Босна и Херцеговина. Она што е специфично е фактот дека семејството Мујиќ кое игра во филмот е всушност вистинско семејство кое поминало низ овие тешкотии.

Таткото Назиф работи како собирач на старо железо за да го прехрани семејството, додека мајката Сенада ги поминува деновите грижејќи се за куќата и ќерките Сандра и Шемса. Кога еден ден таткото ќе се врати од работа, ја наоѓа својата партнерка во тешки болки и позајмува кола од соседите за да ја однесе во болница. Дознаваат дека се случил спонтан абортус, но за Сенада да се оперира од болницата им бараат скоро 1000 марки – количина на пари кои тие никогаш ги немаат ни видено на едно место. По низа молби, поплаки до граѓански организации и до Министерствата за здравство и за социјална заштита, низа „Јас би ви помогнал, ама од горе ми наредија да платите!“, Назиф и Сенада се одлучуваат на незаконски чекор и наоѓаат начин да го поразат системот кој не се грижи за нив.

Во филмот нема многу дијалози, освен на навистина неопходните места. Ситуациите кои се прикажани зборуваат сами за себе и тераат на размислување околу принципите на кои еден општествен систем (би требало да) стои.

Радио МОФ @ Cinedays: „Само за губитници“ и „Една Епизода од животот“Повеселиот дел од вечерта беше резервиран за „Само за губитници“. Оваа година по четврти пат, македонската публика ја имаше честа да присуствува на премиерата на последното остварување на режисерот Иво Трајков на Cinedays. Филмот е романтична (на моменти дури и идеализирана) приказна за мистериозна девојка од Русија (Викторија Мироваја)  која доаѓа во Охрид за да се самоубие. Првата вечер во Охрид се запознава со локалниот Казанова (Сашко Коцев), за кој дури ни неговата свршеница (Верица Недеска) не е сигурна дали ќе се појави на закажаната венчавка. Следуваат доста перипетии и неочекувани судбински средби. Ликовите полека излегуваат од линијата на своите зацртани планови, ризикувајќи за нешто што би им донело повеќе среќа, повеќе љубов.

Во филмот, ставен е голем акцент на музиката (зад неа се потпишува Тони Китановски)  – таа ги „кажува“ репликите полни со емоции, актерите се овде само за да ги отелотворат. Иако најголемиот дел од настаните изгледаат премногу случајни за да бидат вистинити, филмот ќе ве остави насмевнати, ќе ве натера да ја преиспитате својата верба во убавата страна на животот. А тоа, според зборовите на Трајков, е и неговата главна цел.

Слушнете го целото интервју со Сашко Коцев во емисијата „Незадолжителна лектира“ која се емитува на Радио МОФ во четврток со почеток во 20 часот.

Јована Ѓорѓиовска