Радио МОФ @ Cinedays – „Blue Jasmine“

Горчината ретко била вкусот што останува во устата откако ќе изгледате филм на Woody Allen. Оние кои ги сакаат неговите приказни и начинот на кој големиот режисер ги раскажува, очекуваат хуморот да е неговата прва алатка. Но, во својот 45-ти филм, „Blue Jasmine“, Woody плете горка приказна во која главен мотив се грдите чувства и мачните човечки односи.

Филмот беше прикажан вчеравечер (20 ноември) во преполното кино „Милениум“, како дел од фестивалот „Cinedays“.

Радио МОФ @ Cinedays - „Blue Jasmine“

Животот на една средовечна жена од Њујорк (Kate Blanchett) се претвора во кошмар откако нејзиниот сопруг-милионер (Alec Baldwin) го губи целото богатство. Наоѓајќи се наеднаш без ништо, Jasmine е приморана да живее со нејзината сестра и повторно да ги гради мостовите кои одамна ги урнала. Скршена од животните предизвици, таа сведочи на сопственото пропаѓање. Извонредната игра на Blanchett е водечка нишка на непретенциозниот филм, во кој наместо преку вообичаениот хумор и леснотија, искусниот Woody Allen пораките ги артикулира низ преиспитување на најнепријатните сфери на интимата, сè до работ на разумот.

Радио МОФ @ Cinedays - „Blue Jasmine“

Водена од цврсто поставените ликови играни од одлични актери (комичарот Louis C.K., Bobby Cannavale, Andrew Dice Clay и Sally Hawkins), како и од интелигентните дијалози типични за Allen, приказната во „Blue Jasmine“ е мачнo, но и темелно раслојување на меѓучовечките односи. Филмот е снимен во Њујорк и Сан Франциско (вториот омилен град на Woody), а во него се задржани музиката, шармот и атмосферата типични за доцната фаза од творештвото на 77-годишниот автор.

Филмот нема да им се допадне на сите, меѓу другото и затоа што Woody Allen е еден од оние режисери околу кои луѓето се строго поделени – или го сакаат или не можат да го поднесат. Но, без оглед на тоа што мислите за Woody, во времето на плитките и пластични суперхерој-блокбастери со кои Холивуд го труе филмскиот свет, убаво освежување е да се погледне филм каков што е „Blue Jasmine“.

Жарко Настоски