Работилници за сито печат, справување со стрес и преживување на планина на „ENGAGE THE WORKSHOPS“

Во рамки на овогодинешното издание на настанот за социјален активизам ENGAGE 2023, присутните ќе можат да се вклучат на работилниците – реупотреба на стара облека со техника на сито принт организирана од „Партизанска штампа“, техники за справување со стрес и дишење со СиФу Предраг Петрески, или пак за прежувување на планина со експерти од Планинарски Клуб „Македон“.

„Партизанска штампа“ работи како дел од организацијата „Колектив Ветерница“, организација за култура и уметност основана во 2015 година.

Работат во сопствено одржливо студио со цел да обезбеди понезависна културна продукција развиена преку континуирана соработка меѓу уметници кои се чувствуваат заљубени во алхемијата на сито печатење – процес кој никогаш не може да се контролира или предвиди. Процес кој може да уништи сè во секунда или по грешка направи уметничко дело, слично како самиот живот.

Си Фу Предраг Петревски со боречки вештини се занимава уште од тинејџерските денови, а со Wing Chun Kung Fu повеќе од 30 години. Во 2010 година полага за највисокиот мајсторски степен кај Grandmaster Вилиам Чеунг и се здобива со титула Мајстор по Wing Chun.

Активно држи тренинзи за самоодбрана и qiqong медитација за што има напишано и книга „Спознание на Изворот“.

Планинарски Клуб „Македон“ e друштво формирано 2008 година во Скопје од млади ентузијасти, но и искусни планинари. Водени од мотивот да се искачуваат врвови, но и развој на планинските спортови од поширок аспект, како што е ширење на свесноста за чување на планините, природата и природните богатства. Главните цели на клубот се омасовување на планинарењето за сите возрасти, особено за младите.