Работилници за емотивно здравје и креативно изразување за млади во „Партизанска штампа“

Отворен е повик за учество во работилници за емоционално здравје и креативно изразување, наменет за млади од 14 до 19 години.

Организатор на „Откриј се, разоткриј се, и прифати се себеси“ е „Партизанска штампа“, од каде посочуваат дека во текот три сесии преку теоретски предавања и интерактивни вежби ќе се работи на создавање на заеднички цртеж на следните теми: грижа за себе, комуникација и анксиозност.

„Преку теми кои се однесуваат на нашето емотивно здравје и препознавање на сопствените емоции и состојби ќе се постигне увид во сопствените капацитети и интереси и соодветно интегрирање во заедницата со цел остварување на квалитетен живот преку здрав раст и развој“, стои во повикот.

Работилниците ќе се одвиваат во три сесии во времетрање од два часа од 17 до 19 часот, со термини на 20 февруари, 27 февруари и на 6 март.  Исто така, во втората половина на март ќе има еден отворен настан на кој ќе бидат изложени креативните творби создадени во текот на сесиите.

Сесиите ќе ги водат Дафина Шекутковска (координатор на проектот), Билјана Димитрова (културен работник), Мирјана Петровиќ, Ирена Жунгулова (психолози) и Доротеј Нешовски, Ана Трајковска (уметници).

Сите заинтересирани за учество може да испратат директна порака или е-меил на partizanprint@gmail.com

Работилниците ќе бидат организирани во согласност со протоколот бр.46 за работа на едукативните центри во услови на епидемија со Ковид 19 донесен од Владата на РСМ.