Пуштен во употреба базен во школото „Невена Георгиева Дуња“ во Кисела Вода

Во состав на основното училиште „Невена Георгиева Дуња“ во Кисела Вода во Скопје, денеска беше пуштен во употреба новиот затворен базен. Овој проект беше започнат уште во 2019 година од поранешното раководство на Агенцијата за млади и спорт, но не беше довршен.

„Ова е само првиот базен од низата. Сите 5 базени, чија реализација тогаш беше околу 20 %, ќе бидат пуштени во употреба и тоа за рекордно време, 6 до 7 месеци откако се нафативме на оваа работа. Она што е најважно е да им ги ставиме на располагање на децата, на нашите идни генерации, на кои на овој начин ќе им создадеме здрави навики“, изјави министерот за спорт Борко Ристовски.

Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски рече дека проектот бил закочен, а салата досега била во лоша состојба, посебно внатрешнит дел.

Сега пак, како што кажа, ќе биде во функција и за наставниот процес, пред се’ за учениците од ООУ „Невена Георгиева Дуња“ и од другите основни училишта, а потоа и за спортските клубови и за сите жители на Кисела Вода.

„За нас, како локална самоуправа, најголем приоритет ќе ни биде еднаш во неделата спортски активности да имаат децата од основните училишта, бидејќи тоа е многу важно за нивното психофизичко здравје. Како проект, тој е дел од нашата поширока стратегија за развој на спортот во Кисела Вода“, нагласи тој.

Како што информираше претставникот на компанијата изведувач, Љубен Илиевски, новиот базен е од затворен тип, долг 25 метри, широк 9 метри, со длабочина која варира од 0.8 до 1.2 метри. Според него, станува збор за современ полуолимписки базен, изграден според „FINA“ стандарди, со намена за обука, едукација и рекреативно пливање.

Фото: Кисела Вода