Развластениот претседател на Каталонија, Карлес Пуигдемон, изјави дека не отпатувал во Белгија за да побара политички азил туку да дејствува „во слобода и безбедност“.
Говорејќи на пресконференција во Брисел, преполна со новинарски екипи, тој посочил и дека веднаш ќе се врати дома, доколку му се гарантира фер судски процес.
Вчера, шпанскиот јавен обвинител поднесе обвинение за бунт, поттикнување на бунт и злоупотреба на јавни средства против него и 13 други лидери на движењето за отцепување на Каталонија од Шпанија. Пуигдемон прокоментирал дека обвинението покажало „желба за одмазда, а не за правда“, пренесува Гардијан.
Неговото јавно појавување дополнително ја комплицира ситуацијата во кризата долга еден месец која започна со референдумот за независност во Каталонија, кој се одржа на 1-ви октомври.
„Доколку шпанските власти можат да ни гарантираат на сите нас, а особено на мене, правичен, независен процес, со поделба на власта која ја имаме во мнозинството од европските држави, ќе се вратиме веднаш“, изјавил Пуигдемон, на новинарско прашање колку долго ќе остане во Белгија.
Пресконференцијата доаѓа откако уставниот суд на Шпанија на крајот на минатата недела ја суспендираше декларацијата за независност од каталонскиот парламент, а врховниот суд почна со судските процеси против регионалните парламентарци околу нивната улога во референдумот. Во одвоен случај, шпанските цивилни полициски сили го претресуваат седиштето на регионалната полиција на Каталонија.
Белгискиот правник Пол Бакерт, експерт за азил и екстрадиција, вчера потврдил дека го застапува каталонскиот лидер, но, изјавил и дека не подготвува барање за политички азил.
Пуигдемон денес соопшти и дека го прифаќа предизвикот на шпанскиот премиер Маријано Рахој, за вонредни парламентарни избори во Каталонија на 21-ви декември, откако беше повикан уставниот член 155, преку кој шпанската централна власт воспостави директна власт врз североисточниот регион.
„Шпанија сака Каталонија да го напушти нашиот политички проект, но нема да успеат во тоа“, рекол Пуигдемон, додавајќи дека хаосот започнал на референдумскиот ден со насилство од страна на шпанската страна.