Втора година „Прво па Женско“ во МКЦ

Со цел да се поттикне размислувањето на значењето на 8 март – Меѓународниот ден на жената и да се постави прашањето за положбата на жените во современото општество, по вторпат во Скопје се организира фестивалот „Прво па Женско“. Во рамките на настанот, на 7 и 8 март во Младинскиот Културен Центар (МКЦ), ќе се одржат повеќе работилници, филмски проекции, предавања и презентации .  

Прво па Женско #2 во МКЦ

„Активизмот и вмрежувањето остануваат клучна точка и фокус на фестивалот, со тоа што ќе ја прошириме можноста за соработка помеѓу организациите кои работат на сродни теми во региониот и во ЕУ“, најавуваат организаторите.

Овој градски настан отвора неексклузивен простор за конструктивна дебата за околностите во кои денес живее жената чии што интереси, ставови, профил и лични заложби за самоостварување се спротиставуваат на традиционалните стереотипи.

Не ограничувајќи го контекстот на едно подрачје/теорија (феминизам, еднакви права…), „Прво па женско“ нуди целодневна програма составена од активности кои нудат можност за остварување на заеднички (не исклучиво женски или исклучиво машки) поглед и подлабоко разбирање на состојбите. Основната цел на фестивалот е отворање простор за унапредување на позитивниот став кон активноста на оние кои јавно го поставуваат женското прашање и дејствуваат во насока на подобрување на политиките кои во фокусот ја имаат жената.

Програмата на настанот е концепирана како отворено поле за претставување и креативна размена на активните жени денес – оние кои од најразлични позиции теоретски се занимаваат со прашањата на родот, но и оние кои јавно се застапуваат и се обидуваат да влијаат на подобрувањето на политиките кои се однесуваат на жената, како и жени кои автентично се промислуваат себеси и својата улога во општеството, изразувајќи се во сферата на различните уметности.

Првото издание на фестивалот беше одржано лани на 8 март и траеше повеќе од 15 часа, а беше посетен од повеќе од 1000 посетители.