„Прва читачка проба“ – разговор за активизмот преку уметност со актери од ТДМ

Вечерва, со почеток од 21 часот во бифето на Младинскиот културен центар, Радио МОФ ќе го одржи настанот „Прва читачка проба“, на кој публиката со актери од Театарот за деца и младинци ќе зборува за активизмот преку уметност.

Како театарот може да биде платформа за пренесување на социјална и општествена порака? Како да се продолжи да се твори без цензура и замолчување, кога системот го налага спротивното? Ова ќе бидат прашањата за кои ќе дискутираат актер(к)ите Ненад Митевски, Симона Спировска, Наташа Петровиќ, Емра Куртишова, Мартин Јордановски, Бојан Кирковски и Мики Анчевски.

На „првата читачка проба“, ќе и овозможиме на публиката одблизу да ги запознае актерите кои на македонската театарска сцена отелотворија ликови кои војуваат со некаков систем, преку нив поместувајќи ја границата меѓу уметноста и реалноста – бидејќи како и своите ликови, и тие се гласни во нашето општество, борејќи се за друга кауза.

Ќе разговараме и за тоа како една социјална идеја може да биде преточена во уметност и како театарот може да биде платформа на која уметноста извршува една од своите најголеми улоги – да поттикне напредок и промени.