Прв настан од креативната младинска акција „Кој се плаши од молкот лош“

Пријатна атмосфера, младина и по некои родители дојдени за бодрење на своите млади, синоќа во Менада се одржа првиот дел од културната младинска акција „Кој се плаши од молкот лош“. На него беа претставени пет креативни работилници како дел од проектот „Креативна младинска акција“ на студентската организација „Излез“, реализиран со поддршка од УСАИД.

Фото: Ванчо Џамбаски

Фото: Ванчо Џамбаски

Според организаторите настанот имаше цел да покаже дека младите се тие што ги создаваат промените во општеството.

„Креативна младинска акција е мултимедијален проект кој започна со ребота пред околу 3 месеци и настанот вчера беше заокружување на првиот дел од проектот. Целта беше да ја испровоцираме јавноста ако ништо друго барем да почне да размислува за одредени општествени прашања и тоа директно поставувајќи го прашањето: „Кој се плаши од молкот лош?“, вели Наташа Ѓорѓиевска, координаторка на проектот.

Фото: Елена Фидановска

Фото: Елена Фидановска

Според неа постои страв кај младите слободно да говорат за проблемите, но смета дека не е толку силен колку што изгледа на прв поглед. На младите, вели таа, им треба само мало охрабрување и простор каде ќе можат да го искажат своето мислење.

На настанот, учесниците во петте работилници за креативно пишување, илустрација, фотографија, филм и перформанс/театар ги претставија своите први производи, изработени во текот на претходниот семестар. Присутните можеа да чујат хаику на тема „Јас и градот“, да ја погледнат инсталацијата  во просторот на тема „Елитен просјак“ и изложбата на фотографии „Просторот и навиките“. Во рамките на настанот беше прикажан филмот „Кутија“ и сценскиот перформанс „Танцот на замолчените“.

Се одржа првиот настан од креативната младинска акција „Кој се плаши од молкот лош“

Фото: Ванчо Џамбаски

Според најавите од организаторите, работилниците продолжуваат понатаму со работа, а на почетокот на мај планираат нов, поголем настан. На тој настан, освен што ќе бидат промовирани финалните креативни производи на учесниците, ќе можат да се вклучат поединци, организации и групи и да искажат, односно да презентираат општествен проблем кој лично нив ги засега.