„Провокативен. Полемичен. Поетичен.“ – 15. Јубилејно издание на Филозофски филмски фестивал

„Оваа пролет, Фестивалот што вибрира во просторот меѓу филмската слика и критичката мисла, на процепот меѓу полемиката и поезијата, Фестивалот што ги спојува зачудувањето и очудувањето, го слави својот 15. роденден! Славјето е седумдневно, сместено во удобната кино-сала на Кинотеката на С. Македонија, во којашто ќе бидат прикажани триесетина филмови од Европа и сите краишта на светот“.

Вака започнува најавата за годинешното издание на Филозофскиот филмски фестивал (ФФФ), кој ќе се одржи од 22 до 28 мај во Кинотека во Скопје. Годинава, фокусот на ФФФ е насочен кон култниот италијански режисер Пјер Паоло Пазолини – фигура што, како што посочуваат организаторите, совршено ги спојува трите зборови што стојат во срцето на програмската настроеност: провокативен, полемичен, поетичен.

„Во склоп на Ретроспективата беа прикажани четири филма на Пазолини, а со проекцијата на петтиот филм ќе се одбележи отворањето на фестивалот!“, информираат од ФФФ.

Како најава за главната програма, публиката имала можност да ја погледне провокативната филм-анкета на Пазолини „Љубовни заседанија“.

„Пазолини прави обиколка низ целата земја – од фабриките до плажите, од буржоазијата до лумпенпролетаријатот, од Милано до Сицилија – и интервјуира случајни минувачи и неслучајни интелектуалци за нивните ставови кон сексот. Тој нуди пресек на една Италија растргната меѓу политиката и интимата, меѓу строгиот католички морал и скриените, често неартикулирани желби и страсти“, раскажуваат од фестивалот.

Фестивалската програма е изградена од разновидни сегменти: од Ретроспективата, Едукативната програма, компетитивните селекции на краткометражен и долгометражен филм, Придружната програма со селекцијата на турски краткометражни филмови и, од лани првпат воведената, Селекција на видеоесеи, па сè до Ревијалната програма: Филм-философија, со излагања на филмофили, професори, филозофи и вљубеници во амалгамот на филмското и филозофското.

Најзаслужни за квалитетната програма што ја нуди Фестивалот, според организаторите, секако се селекторите, коишто секоја година внимателно ги избираат филмовите. Селектор на долгометражните филмови е проф. м-р Кирил Трајчев, селектор на краткометражните филмови е д-р Дејан Здравков, а селекторка на видеоесеите е м-р Ивана Мирчевска.

Преку Официјалната селекција на долгометражни филмови годинава ќе бидат претставени пет филма, премиерно излезени минатата година. Тие се во конкуренција за наградата „Златен був“ од стручното жири и од публиката за Најдобар долгометражен филм. Првиот филм ќе биде прикажан на вториот фестивалски ден (23. мај) од 21 часот.

„Станува збор за францускиот филм ‘Последен здив’ во режија на Коста Гравас во кој, преку спонтан филозофски дијалог, докторот Augustin Masset и писателот Fabrice Toussaint водат расправа за животот и смртта, при што доаѓа до соочување со сопствените стравови и егзистенцијални тегоби. Ова остварување на Коста Гаврас деклинира од вообичаениот негов тематско–мотивски курс и многу помалку претставува стандарден филмски наратив, а многу повеќе е филозофско–интелектуална медитација за животот и смртта. Филмот е учесник на филмскиот фестивал во Сан Себастијан 2024 година“, раскажуваат од фестивалот.

„Универзален јазик“, на канадскиот режисер Метју Ренкин, е вториот долгометражен филм, кој ќе се проектира на 24. мај од 21 часот. Следниот ден, на 25. мај, 21 часот, ќе се прикаже „Новата година што никогаш не дојде“. Вечерната проекција од 21 часот на петтиот фестивалски ден, 26. мај, е резервирана за „Шамбала“ во режија на Мин Бахадур Бам, кој „мајсторски мешајќи ја традицијата и модерноста, ни отсликува една непозната и ретка култура, шетајки нè низ маѓепсувачките пејзажи на Хималаите“. Петтиот и последен филм од Официјалната селекција на долгометражни филмови, чија проекција ќе се одржи на 27. мај (21 часот) е долгометражниот првенец на грузискиот режисер Џорџ Сихарулидзе, „Паноптикон“.

Додека, на отворањето на фестивалот (22. мај, 20 часот) ќе се прикаже библиската драма во манир на италијанскиот неореализам, „Евангелие според Матеј“ од Пјер Паоло Пазолини. Дијалозите во италијанскиот филм го следат автентичниот текст на евангелието, а ставен е акцент на поетските врвови на текстот.

Во конкуренција за „Златен був“ за Најдобар краткометражен филм според жирито и според публиката, ќе бидат прикажани 15 филмови распределени во две филмски вечери. Од 18 часот, на 23. и 26. мај ќе се одржат проекции во коишто посетителите ќе имаат можност да погледнат квалитетна селекција на краткометражни филмови, коишто отвараат најразлични човечки/општествени прашања и поттикнуваат размисли за нив.

Жирито го сочинуваат домашни и меѓународни познавачи на филмот и филозофијата: Кумјана Новакова (режисерка), Хасан Сердар Гергерлиоглу (фестивалски директор, Турција) и Мартин Ередеро Кампо (филозоф, Шпанија), кои ќе одлучуваат за наградите во Официјалните конкуренции на долгометражни и краткометражни филмови.

Селекцијата на видеоесеи публиката ќе може да ја види на 28. мај од 18 часот, пред затворањето на фестивалот. Еден од видео есеите е „Дневникот на едно небо“, во кој Лоренс Абу Хамдан го користи звукот како политички и форензички инструмент.

Во рамки на Придружната програма, за првпат кај нас, во соработка со списанието „Синефилозофи“ од Турција, ќе се одржи мала селекција на турски краткометражен филм именувана „Филозофија преку краток филм“, курирана од проф. Сердар Озтурк од Турција. Ќе бидат прикажани три филма: „И јас исто“ од Еџе Акалан Алаѓоз, „Ми светна“ од Тувана Симин Ѓунај и „Обичај“ од Али Риза Бајазит. За нив е резервирана проекцијата од 18:00 ч. на 25. мај, а Сердар Озтурк ќе има излагање и дијалог со публиката.

Во изминатите два месеца (април-мај) се одвиваше Едукативната програма на 15. Филозофски филмски фестивал. Сегментот Средношколска видео лектира (СВЛ) започна на 10. април во Културно информативниот центар. Во соработка со Шпанската амбасада во Скопје, се прикажа филмот „Во длабокото“ (2004) од режисерот Алехандро Аменабар. Проекции се одржаа и во училишта низ дваесетина други градови низ Македонија, односно филмот го погледнаа околу 800 ученици. Најдобрите три есеи, по одлука на Стручната комисија, ќе добијат богати и разновидни награди од нашите соработници во овој едукативен сегмент.

Во склоп на оваа програма, се одржа и Работилница за млади со д-р Атанас Чупоски, на 10. и 17. мај во КСП Центар-Јадро. Учесници беа филмофили на возраст од 17-19 години кои на работилницата се запознаа со филмската естетика, јазик и приказна. Додека, сегментот наменет за најмалите, Фил(м)ософија со деца, ќе се одржи на 20. мај во ООУ „Браќа Миладиновци“ и 23. мај во ООУ „Владо Тасевски“ во Скопје. Годинава темата на која размислуваа учениците е „Што е тоа добрина?“, а нивните размислувања ќе се потикнати од кратки филозофски провокативни видеа. Работилницата ќе ја одржи експерт во оваа област, д-р Мартин Поповски.

Покрај сето ова, годинава на фестивалот му претходеше и OFF програмата посветена на иранско-британската режисерка Меријам Тафакори. На 27. март во КСП Центар-Јадро се одржа работилница за експериментални видеоформи во организација на Ѓорѓи Пулевски и Ивана Мирчевска, а со свое излагање имаше и Артан Садику. Додека, следниот ден, 28. март, во Музејот на современата уметност се проектираа четири филма на Тафакори: „Иранска чанта“, „Танцот на погледите“, „Кодни имиња“ и „Опиено срце“. На крајот, настанот се заокружи со онлајн разговор со режисерката.

15. издание на ФФФ е во организација на Филозофското друштво на Македонија и се одржува со институционална поддршка на Агенцијата за филм на Република С. Македонија, како и во партнерска соработка со Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје и Кинотеката на С. Македонија.

Постерот и визуелниот идентитет на Фестивалот го изработи Катарина Пренда, додека трејлерот е дело на Владимир Владимиров.

За повеќе информации посетете ја страната на ФФФ или профилите на социјалните мрежи.