Протести низ Израел откако владата практично забрани демонстрации

Илјадници луѓе излегоа на антивладини протести синоќа во повеќе градови низ Израел, револтирани од новите мерки со кои се ограничуваат правата на протест поради новото забрзано ширење на коронавирусот.

Израелските медиуми пренесуваат дека во Тел Авив уапсени биле 15 демонстранти, додека две лица биле повредени откако автомобил со поголема брзина влетал во група граѓани на протестите, а уште едно лице било повредено од полициски коњ, додека безбедносните служби поставувале барикади и ги блокирале патиштата за да ги разбијат демонстрациите.

Пред два дена, израелската влада усвои нови мерки против коронавирусот. Меѓу нив беше и ограничување на групните собири на најмногу 20 лица, како и ограничување на сите кои сакаат да демонстрираат дека тоа можат да го прават на растојание од најмногу еден километар од нивните домови, со што практично се ограничуваат масовни демонстрации.

Организаторите на вчерашниот протест ова го нарекоа „најдраконски мерки кои некогаш се примениле против израелските државјани“.

„Иако очајот расте и државата се распаѓа пред нашите очи, ќе продолжиме да се бориме на улиците. Додека Нетанјаху и неговата влада шири страв и деструкција и ги брише основните права на жителите на Израел преку закони кои се на ниво со најдиктаторските држави на Блискиот Исток, ние нема да останеме неми и да стоиме настрана“, стои во соопштението на Коалицијата на млади протестни организации.

Во Израел веќе три месеци секој викенд се одржуваат антивладини протести во Ерусалим и Тел Авив, каде илјадници граѓани го изразуваа своето незадоволство од премиерот Бенџамин Нетанјаху околу тоа како се справува со пандемијата, но и за наводите за негови коруптивни активности.