Во недела, на 17 ноември ќе се одржи протестен марш за „Спас на Водно“ кој го организира неформалната група граѓани „Да го спасиме Водно”.
Поврзани преку социјалните мрежи, граѓаните од оваа група повикуваат на учество во маршот кој има за цел да ја рашири веста за урбанизацијата на Водно до граѓаните на Скопје и да се спротивстави на насилната урбанизација на белите дробови на Скопје.
„Белите дробови на Скопје, парк-шумата Водно, манипулативно и преќутно се уништуваат . Уништување на парк шумата Водно – единствениот излез на чист воздух од загадениот град во кој живееме. Тоа не смееме да дозволиме да продолжи“, повикуваат од групата.
За овој викенд најавуваат дека ќе ја запознаат јавноста со нивната акција, а се надеваат на голема излезност идната недела на Водно. Собирно место е училиштето „Кочо Рацин“ во 10.30 часот и Средно Водно во 11.30 часот, односно врвот на Водно во 13 часот.
„Водно не смее да се претвори во ресторантски комплекс, паркинг, елитна населба, телекомуникациска кула со штетни зрачења или било каков друг урбан проект за остварување на профит. Водно е и ќе остане симбол за бегство од асфалтната џунгла во Скопје.Планинарските и еколошките друштва, како и сите вљубеници во природата, се првите кои треба да го кренат гласот против оваа катастрофа“, велат организаторите.