„Велес против труењата“ е наречен протестниот марш против труењето животни, кој утре на пладне ќе започне пред интернатот во Велес во организација на здружението „Гласот на животните“.
Тие повикуваат да им се придружат сите љубители на животните, слободни активисти, здруженија, борци за правда и сите останати кои сметаат дека мора да запре расфрлањето на смртоносни и нелегални отрови по градската површина и труењето на живи суштества. Протестот, велат тие, е насочен и против незаинтересираноста на институциите да направат нешто по тоа прашање.
„Безброј пати сме сведочеле на труење. Живееме во држава каде најопасните отрови како “Ланате”може да ги купи било кој и покрај тоа што се нелегални. Безброј пати сме гледале како животно умира во најтешка агонија поради отров. Време е сето ова да запре и надлежните да реагираат“, велат организаторите на маршот.
Како што најавуваат зборното место е утре во 12 часот пред Интернатот во Велес,а маршот ќе се движи преку трговскиот центар, по главната улица, до центарот (кружниот тек) и враќање по паралелната едносмерна улица (кај семафорите) па се до полиција (и општина).