Иницијативата „Сите за Палестина“, Социјалниот центар „Дуња“ и организацијата „Социјалистичка зора“ утре, 24 јуни, повикуваат на протестен марш насловен „Од Скопје до Газа – народот вели НЕ!“ со почеток во 18 часот пред Влада, до Американска амбасада.
„Европската унија неодамна усвои историски висок воен буџет – 800 милијарди евра ќе троши за наоружување, додека народот се соочуваа со економска несигурност, зголемена сиромаштија и недостапни јавни добра и услуги. Тоа не е буџет за мир – туку буџет за смрт, за профит на воените корпорации, а на сметка на работничката класа и младината ширум континентот“, се вели во соопштението.
НАТО не штити – НАТО убива, порачуваат тие. Според нив, воениот пакт не е симбол на заедништво и безбедност, туку алатка на империјалната контрола.
„Наместо солидарност со потиснатите, се нудат ракети. Наместо хуманост – бомби. Западните влади под диктат на Вашингтон и Брисел, сè повеќе пари од јавните буџети пренасочуваат кон оружје и милитаризација. Во Украина, војната станува бескрајна машина за пари за воените индустрии, додека илјадници Украинци и Руси умираат. На Блискиот Исток, целиот свет е сведок на геноцид врз палестинскиот народ, извршен од израелската држава и поддржан со логистика и пари од НАТО, САД и ЕУ“, истакнуваат организаторите.
Како што посочуваат тие, македонската влада е активен дел од оваа смртоносна архитектура.
„Наместо инвестиции во распаднатото јавно здравство, уништеното образование, социјалната грижа и младинските перспективи, Владата слепо ги следи ‘препораките’ на НАТО и ЕУ – зголемувајќи ги воените трошоци, ги пере злосторствата на Нетанјаху и ја поддржува окупацијата на Палестина. И сето тоа во име на ‘безбедност’ и геополитички интереси за пари во џебовите на капиталистите. Но каква безбедност е тоа кога младите си заминуваат, старите умираат без грижа, а секојдневието станува борба за преживување?“, прашуваат организациите.
Нашата историја, додаваат, е антифашистичка – нашата иднина мора да биде антимилитаристичка.
„Стануваме – против капитализмот кој не само што создава војни, туку профитира од нив. Против секоја империја што ја става експлоатацијата и профитот пред животот, достоинството и слободата. Се залагаме за класна борба, за слобода на Палестина, за мир во Украина и на Блискиот Исток, и за свет каде јавните средства не одат за тенкови, туку за болници, училишта и квалитетен живот. Време е за отпор! Да кажеме јасно и гласно НЕ на НАТО, НЕ на војната, НЕ на сиромаштијата, НЕ на империјализмот!“, апелираат организаторите.