Протестен марш до Основниот суд – Скопје 1 против пресудата за „Диво Насеље“

Протестен марш, против пресудата за процесот „Диво Насеље“, кој денеска треба да започне од 13 часот на плоштадот „Скендербег“ и да заврши пред Основниот суд – Скопје 1, најави Здружението на албанска култура, кое го организира собирот.

Во повикот за протестот, што го пренесоа дел од медиумите, се повикуваат на присуство сите граѓани кои „сметаат дека ваквото изживување и самоволие на судот во изрекување на казните се уште еден пример за неправедна правда и двојни аршини од страна на судот“.

За случајот, веќе подолго време во јавноста се бара меѓународна истрага, додека според последните информации парламентарното мнозинство во Собранието планира и формирање анкетна комисија која ќе треба да го разгледа целиот процес.

За судирот меѓу вооружената група и македонската полиција во Куманово на 9-ти и 10-ти мај 2015 година, кога загинаа осуммина припадници на полицијата, судот изрече 34 затворски казни, од кои осум доживотни. Четири лица беа ослободени поради недостаток на докази во обвинението.