Протест против извршителите: Владата да одлучи – 100 извршители или стотици илјади граѓани

Со доставување поплаки до Министерството за правда, за стигнати извршни решенија од извршители, за како што велат, непостоечки долгови денеска, педесетина граѓани преку протест повторно изразија револт од работата на извршителите. Велат дека во моментов се блокирани 130.000  трансакциски сметки, на фирми и граѓани.

„Ова се поплаки, рачно напишани, некои заедно со фотокопии од извршните налози, каде што се направени груби прекршоци, а некаде дури и кривични дела од страна на извршителите. Извршителите не постапувале согласно, ниту со овој закон кој го имаат за извршување, и работеле во спрега, заедно со судовите, банките, и секако заедно со криминалните доверители“, вели Ана Глигорова од „Стоп за извршители“.

Глигорова бара да се смени поголем дел од законот со нивните предлози. Напоменува,  дека засега е променет само трошковникот, за кој вели, не е ретроактивен, туку важи само за случаи од 2019 година.

„Извршителите си ги чуваат како старо вино во подрум извршните налози и ги активираат по 9 години, на пример, а тие нараснале со огромни камати. Значи луѓето овде не можат да живеат, се работи за геноцид, за 1/3 од плата или пензија, што е премногу“, децидна е Глигорова.

Марјан Ристески од „Стоп за извршители“ јавно го повика Претседателот на државата, Стево Пендаровски да каже што се случува со нивните барања, кои ги доставиле до него кога биле на разговор.

„Верувајте, имаме повици секој ден од граѓаните, револтот е огромен. Од денеска започнуваме со нашите протести, се надеваме дека владата ќе смогне сили да го реши овој проблем. Мора да избере меѓу 100-тина извршители, или 100-тици илјади граѓани“, напоменува Ристески.

Тој вели дека не може во државава да се зборува за правда, додека проблемот не се реши.

Пред присутните зборуваше и портпаролот на Министерството за правда, Владимир Делов. Објаснува дека со измените и дополнувањата на Законот за извршување од декември, 2018 година е воведен вонреден теренски надзор над работата на извршителите, а објаснува и дека има бројни дисциплински постапки.

„Податоците од комората за извршување за 2019 година се: 19 дисциплински постапки од кои 18 биле иницирани од страна на Министерството за правда, 15 биле одлучени, додека 4 се во тек. Од 15-те решени, едно разрешување на извршител, три парични казни, додека 11 биле отфрлени. За надзорите од министерството за правда, биле извршени вкупно 66 надзори на работата на извршителите, од кои 42 редовни, а 24 вонредни. До моментов има 8 предлози за поведување на дисциплинска постапка“, вели Делов.

Запрашан од новинарите за тоа како може системски да им се помогне на луѓето кои имаат проблем со извршителите, Делов одговара дека тоа е направено со промената на законот лани во декември, со ограничување на сумите кои можат да ги повлечат извршителите од најсиромашната категорија граѓани.

Организаторите на протестот најавија протести во следниот период. На следните протести велат дека очекуваат поголема излезност од граѓаните.

М.К.