Педесетина жители од ромското маало под Кале, чии импровизирани живеалишта беа срушени пред неколку дена, излегоа на протест пред Град Скопје за да побараат решавање на проблемот со нивното домување.
Нивни претставници влегоа да разговараат со градските власти за изнаоѓање заедничко решение.
Рушењето на десетици импровизирани домови на малата ромска заедница беше направено на први август, во заедничка акција на град Скопје и Министерството за труд и социјална политика. Жителите од ова маало по втор пат остануваат под отворено небо. Тие и во февруари протестираа пред Владата против рушењето на нивните импровизирани куќи барајќи помош од институциите.
Од Град Скопје пак појаснуваат дека земјиштето било приватно, а во неколку наврати ги предупредувале жителите да ја напуштат локацијата бидејќи нивното засолниште е нелегално.