Архитектката Марија Христовска Стевковска и ликовниот уметник Ѓорѓе Јовановиќ се дел од јубилејното, 25-то издание на еден од најголемите европски музички фестивали, „Сигет“ во Будимпешта каде ја изработија архитектонскo – скулптурална инсталација „Pleasure letters“ (Букви за уживање).
Инсталацијата функционира и како уметничко дело и како дел од забавните содржини на фестивалот. Таа претставува собиралиште на посетителите и вклучува различни содржини. Иницијалната идеја произлегува од користењето на буквите од името на фестивалот.
Секоја буква е пресоздадена во простор за различни активности: одмор, дружење, интерактивно фотографирање, игра. Изработени се шест објекти со вкупна должина од 25 метри. Изработени се од различни материјали: метал, дрво, пластика, дигитални отпечатоци со цел да одговараат на различни намени.
Инсталацијата е дел од програмата на фестивалот „Art of freedom“ која им овозможува на младите креативци да ги презентираат своите идеи и таленти. Фестивалот се одржува од 9 до 16 август. Минатата година го посетиле околу половина милион посетители.