Во клуб-ресторанот на МКЦ, вечерва (30 ноември) со почеток во 19:00 часот ќе се одржи промоција на првата збирка поезија на Дарко Лешоски, насловена „Дете од лоша фамилија“ чиј издавач е „Табернакул“.
Промоцијата ќе биде од неформален и отворен карактер. За „ликот и делото“ на Лешоски накратко ќе зборува неговата професорка Маја Бојаџиевска. По една песна ќе читаат актерките Синоличка Трпкова и Весна Петрушевска – на нивна желба и на задоволство на авторот.
За Дарко, за неговата поезија и пријателствата со него ќе зборуваат и новинарката Тина Иванова, неговата колешка Маја Марковска, поетот Јовица Ивановски и уште еден негов колега од „Оф-нет“, Сашо Мацановски-Трендо, за на крајот промоцијата да ја заокружат едноминутните „излагања“ на неколку негови другари.
За изборот на музика ќе се погрижи Соња Исмаил, a на многу невообичаен начин во текот на вечерта и во придружба на електронска музика стихови на Дарко ќе читаат и актерот Васил Зафирчев и Марија Зафирова.
„Денеска е среда. Јас сум во среда роден.Ова јас го правев и кога имав 20 пријатели на Фејсбук. Истото. Пишував без влакно и без осет и баш ми било гајле дали тоа е добро или ќе повреди некого – оти така ми било. Така ми било. Оти сакав да си кажам, а не да собирам. На моменти си велев Дарко заш бе ги секираш дома ти ? Зашто секираш пријатели, роднини.. ама НЕ МОЖАМ ПОИНАКУ .Едно време си се борев во себеси ама после се прифатив… дека не можам и не смеам поинаку. Дека ќе се угушам сам во себе. Ќе овенам. Ќе скинам. И ако не пишувам. И ако не скитам. И ако не пијам. И ако не пушам. И ако не се смеам. Имам да ви кажам една убава работа. Книгата ваљда чади во печатница. Ете … бидна.Тешки ми се вакви работи… Не знам… може и да не дојдам јас… се зезам (во секоја шала полувистина) ама толку драги луѓе на едно место…ми се пристресуваат малце колената“, со овие зборови, Лешоски ја најави промоцијата.
Настанот ќе биде пренесуван во живо на интернет. http://www.peechweizz.mk/p/live-stream.html
Дарко Лешоски е роден во Вевчани, живее и работи во Скопје, каде дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност.
Извор: Нова ТВ