Промоција на книгата „Среќата е глагол“ од Стефан Марковски

Промоција на книгата „Среќата е глагол" од Стефан МарковскиНа 20 февруари во клубот ГЕМ, во скопската чаршија, во 20.30 часот ќе се одржи промоција на една од ретките книги-хибриди од литература за самопомош, позитивна психологија и филозофија кај нас и пошироко „Среќата е глагол – како мириса цутот на животот во Вас?“ од 23-годишниот Стефан Марковски, автор на книги од повеќе области, дипломиран книжевник и апсолвент на Филозофија, создавач и главен уредник на порталот zenica.mk.

Овој млад писател, поет и филозоф е автор на романот „Еднонасочно“, збирките поезија „За некои спомени на онаа некогашност“ и „Апеирон“, како и на делата од областа на психологијата и филозофијата – „Хиерархиска еволуција на свеста“ и „Мета(де)конструкција и општа филозофија“.

Младиот Марковски е добитник на поголем број награди, вклучувајќи ја „Петре М. Андреевски“ (за роман), „Блаже Конески“ (за есеј), „Сонот на душата“ (за поезија), награда на УНЕСКО и Фондацијата ГОИ – Јапонија за есеј и други.

Промоција на книгата „Среќата е глагол" од Стефан Марковски

На промоцијата на првата книга на Марковски од мешаната област на позитивната психологија и духовната филозофија/наука учество во улога на читачи ќе земат Снежана Стојчевска, Даниел Карески и Адријан Арсовски, а промотор ќе биде Биљана Талевска. Книгата ќе може да се купи по промотивна цена од 200 денари.