Промоција на книгата „Патот на водата“ од Гордана Каракашевска денеска во Градската библиотека во Скопје

Книгата „Патот на водата“ од Гордана Каракашевска, издание на „Современост“ ќе биде промовирана денеска (вторник, 12 декември) во 19 часот во спомен-собата „Т’га за југ“ во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје.

За стихозбирката ќе говори Вања Таневски, а стихови ќе чита Катерина Гогова.

„Патот на водата“ е стихозбирка посветена на водата како симбол на прапочетокот, на животот и на универзумот, а мотивски лоцирана на бреговите на Охридското Езеро и Црн Дрим.

„Оваа поезија, самобитна и зачудувачка, со посебен култ кон водата, е плод на еден интимен допир со природата, на едно, речиси анимистичко и пантеистичко поимање, па оттука и елементот на водата ќе биде доминантна компонента во неа“, ќе запише рецензентот Вања Таневски.

Инаку, Гордана Каракашевска е родена во 1973 година во Пехчево, каде што го завршува и основното образование, а подоцна образованието го продолжила во Скопје. Неколку години живеела и работела во Торино, Италија што остава длабока трага врз нејзината креативност. Пишува песни и раскази на македонски, италијански, српски и англиски јазик. Авторка е на поетските книги: „Скршен поет и други поеми“ (2021), „Куќа од хартија“ (2022), збирката раскази „Сињор Џордано и размислувањата за сомневањата, дилемите и прашањата за некои други, ситни зрнца“ (раскази 2021) и на романот „Разголување во година на козата“ (2021). Добитник е на неколку награди и признанија и застапена е во повеќе интернационални поетски зборики.

Каракашевска учествувала на бројни фестивали и поетски читања, а имала и неколку самостојни и групни изложби во Италија. Во март 2013 во МКЦ ја имаше и својата прва изложба на црно-бели фотографии.

Промоцијата на книгата „Патот на водата“ е дел од културната програма на Град Скопје – европска престолнина на културата за 2028 година.