Промоција на хрватскиот роман „Вошицки“ во МКЦ

Наградуваниот роман „Вошицки“ од хрватскиот писател Марко Грегур ќе биде промовиран во четврток (22 септември) во 20:00 часот во Младинскиот културен центар (МКЦ).

Промотор ќе биде Сашо Огненовски во чиј превод е објавено македонското издание на делото, а модератор ќе биде Јулијана Величковска.

„’Вошицки’ на Марко Грегур е роман за страдањето на оние што не можеле да бидат дел од ниедна власт, оние што знаеле дека можат да бидат верници само на својата посветеност како и на она што ќе остане и по војните и по политиката и по сите нас – книгата. Следејќи ја судбината на Винко Вошицки, овој роман ја следи мудроста на книгата и на нејзиното опстојување во времиња полни со хипокризија и омраза, времиња што по малку наликуваат и на денешните“, пишува Огненовски во описот за книгата.

Според кратката содржина, главниот лик, Винко Вошицки, како голем маченик на современиот општествен хаос, Вошицки се издигнал над материјалниот свет и иако секогаш на работ на осиромашувањето и пропаста, тој е и прототип на голем борец за хуманизмот со којшто многу не кореспондирало тоа време.

Марко Грегур дипломирал на Економскиот факултет во Загреб. Тој пишува поезија и проза. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои: „Фриц“ (2020) и „Владимир Назор“ (2020) за романот „Вошицки“. Досега ги објавил стихозбирката „Лирска графика“ и збирките раскази „Пегличка во декември и „Убав ден за Дринкополи“, а автор е и на романот „Како изгоре пресветиот Тромбетасич“.