„Промени ја исхраната, промени го светот!“ е слоганот, и воедно проектот, преку кој Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. во соработка со Веган 365 Кујна во текот на мај и јуни ќе додели 500 вегански оброци на загрозени категории на граѓани на територија на Град Скопје.
Според Здружението, целта е да се намалат последиците предизвикани од Ковид-19 кризата, така што ќе се задоволат дел од основните човекови потреби кај социјално загрозени и маргинализирани категории граѓани, особено кај семејствата каде што еден или повеќе од членовите изгубиле работа.
„Е.Д.Е.Н. ќе дели балансирани и хранливи вегански оброци изработени со љубов и посветеност од целосно природни и здрави состојки. Свесни сме дека храната е еден од најважните фактори кои влијаат врз човековото здравје, но и врз животната средина и врз животните – затоа Е.Д.Е.Н. цели кон редуцирање на антропогениот притисок врз животната средина и животните предизвикан од исхраната со животински продукти“, соопштуваат од Е.Д.Е.Н.
Од таму посочуваат дека иако сѐ уште нема финални податоци, научна претпоставка е дека пандемијата предизвикана од коронавирусот SARS-CoV-2 (но и пандемиите од SARS-CoV-1, MERS, птичјиот H5N1 и свинскиот грип H1N1, еболата и зика вирусот) се последица од злоупотребата на животните, т.е. се сметаат за причинети од начинот на кој современиот човек живее – експлоатирајќи и консумирајќи животни и уништувајќи ги нивните живеалишта.
„Според обемен корпус научни истражувања, утврдено е дека соодветно планираната веганска исхрана позитивно влијае врз човековото здравје, па дури и е препорачана за неутрализирање на одредени здравствени состојби (одделни типови на канцер, нарушувања на кардиоваскуларниот систем, дијабетес итн.). Истовремено, веганската исхрана се смета за единствен одржлив начин на живот и еден од клучните фактори за излез од глобалното затоплување (климатската криза)“, потенцираат од Е.Д.Е.Н.
Од таму посочуваат и дека актуелната пандемија отвори низа горливи прашања и нужност од целосно реобмислување и реорганизација на начинот на живот во современото општество.
„Чест ни е што нашите волонтери ќе дадат свој скромен придонес во справувањето со кризата. Акцијата за донирање 500 вегански оброци ја започнуваме во соработка со ‘Една може’ – доделуваме вегански оброци на самохрани мајки и еднородителски семејства на територија на Град Скопје. Синергијата во делувањето е од суштинска важност бидејќи секогаш дава оптимални резултати“, соопштува Е.Д.Е.Н.
Ги повикуваат сите заинтересирани поединци и правни лица кои би сакале да ја поддржат акцијата, да ги контактираат на е-пошта eden.mk.org@gmail.com.
„Нека не бидат само 500 вегански оброци. Нека бидат многу повеќе! Да бидеме солидарни, да живееме одржливо!“, апелираат од Здружението.
Инаку, акцијата е во рамки на проектот „Промени ја исхраната, промени го светот!“ кој е поддржан со ад хок грант од програмата Цивика мобилитас.