ПРОГЛАСЕНИ ПОБЕДНИЦИТЕ НА КОНКУРСОТ ЗА ПЕСНА ЗА ДЕЦА „ТОДЕ“

Во големата сала на општина Охрид на 7.3.2026 година, се одржа Литературната манифестација во чест на Тоде Илиевски, каде беа  доделени наградите од  Конкурсот за најдобра необјавена песна за деца „ТОДЕ“.

Жирито во состав Маја Мојсова (член) Даниела Андоновска Трајковска (член) и Зоран Јакимоски (член) донесе едногласна одлука да не ја додели првата награда „со оглед на, (како што се вели во образложението), послабиот квалитет на пристигнатите творби во однос на претходните години, а со цел зачувување на реномето на наградата, но и на делото на Тоде Илиевски…“.

Втората награда ѝ припадна на песната „Палавковци во рима“ од Атанас Крлевски, „…која квалитетно отскокнуваше од останатите пристигнати творби“. Третата награда им припадна на песните „Дедо Медо болен лежи“ од Соња Манасиевска – Конеска и „Волшебно будење“ од Ели Маказлиева.

Манифестацијата во организација на ЗПРКДУ „Креативна верига“ –Охрид, финансиски поддржана од општина Охрид, ја отвори Јордан Коцевски, претставник на здружението, по што следеше обраќање на Билјана Коталески, советник во општина Охрид, додека за Тоде Илиески зборуваше Митко Томовски, поет, писател   и долгогодишен пријател на Тоде. Како дел од програмата учениците од ООУ „Св. Климент Охридски“ –Охрид приготвија кус рецитал од богатиот опус на Тоде Илиевски, под менторство на наставничката Тања Џутески.

Во име на жири комисијата се обрати Зоран Јакимоски, со кус осврт кон пристигнатите и наградени песни. По доделувањето на наградите, публиката имаше можност да ужива во мал концерт, подготвен од Миодраг Богиќ, виолина и Бисерка Марковиќ, клавир, кои изведоа одбрани композиции на Фриц Крајслер.

Наградата „Тоде“ се доделува по четврти пат, но оваа година прв пат како Литературна манифестација во чест на Тоде Илиевски, и е дел од програмата за култура на општина Охрид. Наградените песни ќе бидат објавени во дванаесеттиот број на електронското списание за книжевност и друга уметност „(е)Лит“ кое го издава Здружениото.