Професорски пленум бара одговорност за сечата пред УКИМ и нова локација за факултетските згради

Професорскиот пленум со соопштение реагираше на вчерашната сеча на дрвја во дворот на УКИМ и плановите за изградба на две нови згради, за потребите на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје (ФФОСЗ) и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Во продолжение интегрално ги пренесуваме заклучоците на пленумот за новите случувања во кампусот на УКИМ:

„1. ПП повикува на разум и е против реториката на поделба на НИЕ и ВИЕ, во смисла, институции кои се сместени во Кампусот кај Ректоратот и имаат релативно пристојни услови за работа наспроти институции кои немаат ни објекти каде би ја извршувале дејноста. ПП не ја одобрува реториката од типот „чиј е дворот“, бидејќи сите сме заинтересирани и волни да се изнајде решение за нашите колеги кои со децении немаат елементарни услови за работа. Сметаме дека е недозволиво во 21-ви век повеќето факултети да работат во дотраени бараки и згради со неисправна електрична инсталација, покриви кои течат, неисправни пумпи за парно, неопремени тоалети, канцеларии во подруми, непостоечки лаборатории, накратко, во објекти кои ниту по квадратура, ниту по квалитет не ги задоволуваат критериумите за нормално и достоинствено студирање и работа. На сите нас, и оние кои сме сместени во зградите на Кампусот кај Ректоратот и оние кои немаат зграда и чекаат некое решение веќе 65 години (како на пример Факултетот за физичко образование, спорт и здравје), приоритет ни е да најдеме соодветно решение кое ќе го реши проблемот на засегнатите институции, но, од друга страна, нема да генерира нов, уште потешко решлив проблем и тоа за сите – отежнато функционирање на Кампусот кај Ректоратот заради немање доволно простор за движење, простор за рекреација, паркинг, зелени површини, студентски кантини, студентски центри итн.

2. ПП ја поздравува одлуката на Владата најпосле да се одвојат средства за изградба на згради за ФИНКИ и ФФОСЗ, но потенцира дека нетранспарентноста на целата процедура околу одлучување за локацијата и изгледот на новите факултетски згради, како и игнорирањето на принципот на партиципативност (сите засегнати страни, меѓу кои и студентите, мора да бидат вклучени во процесот на одлучување каде ќе учат, но ПОВАЖНО, каде ќе егзистираат), доведе до вакво очигледно лошо решение кое не ги задоволува ниту основните урбанистички и архитектонски стандарди, ниту потребите на факултетите за извршување на наставната дејност. Локацијата на која се наоѓа Кампусот кај Ректоратот нема капацитет да опслужи уште најмалку 5000 вработени и студенти, а предвидената локација, особено на ФФОСЗ, кој своите спортски активности треба да ги изведува покрај раскрсница, е посебно проблематична и од аспект на здравјето на студентите и од аспект на оддалеченоста од спортските објекти. Оттаму, ПП предлага изнаоѓање нова локација за изградба на згради за овие два факултета, Локацијата треба да е во договор со засегнатите факултети на кои ќе им се даде и некој вид гаранција дека изградбата ќе биде завршена во целост и ќе ги задоволи нивните потреби.

Се повикуваат одговорните институции, МОН, град Скопје и Ректоратот на УКИМ да објаснат зошто за изградба на зградата за ФИНКИ не може да се искористи локацијата на која сега се наоѓаат бараките коишто факултетот ги користи (а за кои има маркичка за градба во постоечкиот ДУП), со што логично би се заокружил техничко-технолошкиот кампус, или зошто за изградба на зградата за ФФОСЗ не е доделена локација кај салата „Борис Трајковски“, со што овој факултет би работел во близина на спортска сала, базен, трим патеките покрај Вардар и Градскиот парк. Дали, можеби, овие локации не се „резервирани“ за некои „поинтересни“ инвеститори?!

3. Потсетуваме дека ПП, кој работи на новиот Закон за високо образование, во својот Концепт за ЗВО, ја нагласи неприкосновеноста на просторот на универзитетот. ПП нагласува дека автономијата на универзитетскиот простор е прекршена со тоа што на веќе конципиран простор се наметнуваат нови градежни зафати кои на ниту еден начин не го почитуваат, а дури и го игнорираат постоечкиот просторен контекст. Дополнително, во Член 14 во Законот за високо образование, се потенцира дека на универзитетот му се гарантира неповредливост на универзитетскиот простор и на просторот на самостојните високообразовни установи.

Ако земјиштето и припаѓа на Република Македонија, институциите кои ја претставуваат Република Македонија треба да разберат дека сите ние сме граѓани на Р. Македонија и имаме право да одлучуваме, особено за просторот во кој егзистираме.

4. Професорскиот пленум повикува на одговорност за лицата или институциите кои го дозволиле, потпишале, одобриле и извршиле сечењето на дрвја во дворот кај Ректоратот на УКИМ. Професорскиот пленум бара:

– обезбедувањето на УКИМ да објасни дали и по чие писмено одобрение дозволиле влез на лица кои не се вработени, ниту се студенти на УКИМ, за да вршат сечење на дрвја околу 2:00 по полноќ;

– Ректоратот на УКИМ да го преиспита договорот со фирмата ангажирана за обезбедување на Кампусот, доколку такво одобрение не постои;

– Ректоратот на УКИМ да поднесе пријава до Министерството за внатрешни работи, за неовластен упад на просторот на УКИМ, доколку писмено одобрение, потпишано од страна на службите во Ректоратот, не постои;

– Министерството за внатрешни работи да изврши увид и да ги извести академската заедница и јавноста за деталите на овој вандалски чин: кој влегол во неповредливиот академски простор и по чиј налог ги исекол дрвјата и го оградил просторот во владение на УКИМ, со оглед на тоа што Општина Центар, Град Скопје и ЈП „Паркови и Зеленило“ јавно негираа дека дале налог или го извршиле сечењето на дрвјата во Кампусот.

– Министерот за животна средина да се произнесе во врска со последиците по животната средина од сечењето 47 дрвја во најзагадената точка (раскрсницата кај Мавровка)

– медиумите во Македонија овие прашања јавно да им ги постават на посочените институции.

Јавно го повикуваме проф. Велимир Стојковски да се врати во земјата и како Ректор на УКИМ и претседател на Сенатот на УКИМ да објасни со која одлука на Сенатот е решено овие два објекта да се градат на посочената локација, како и кој издал одобрение за сечење на дрвјата и оградување на просторот. Како и досега, Професорскиот пленум не се откажува од легитимното право на вониституционално делување во случај на изневерени очекувања од правните и институционалните механизми во Република Македонија.“, се вели во реакцијата на Професорски пленум.