Проект на ученици од „Владо Тасевски“ во трка за престижна европска награда

Единаесет ученици од основното училиште „Владо Тасевски“ во Скопје заедно со нивната класна, наставничката по етика и граѓанско образование Симона Петковска Илиеска, од неодамна започнаа креативна онлајн кампања. Идејата е на своите врсници да им ги посочуваат најчестите причини и опасности од употреба на дрога, алкохол и лекови.

Со проектот, кој го нарекоа D.A.T.A. (Drugs and alcohol teenage addictions) учениците Каја, Нина, Лука, Бисера, Ева, Никола, Иво, Мила, Марко, Мими и Стефан сакаат на нивните соученици да им укажат за здравствените, психолошките, семејните, социјалните, училишните и финансиските проблеми кои може да ги предизвика употребата на дрога, алкохол и лекови.

Дизајн: Иво Тојтов

Во разговор за Радио МОФ, учениците Мила Јовановиќ и Стефан Брезовски велат дека овие теми освен по биологија и етика, не се доволно застапени во наставните програми.

„Во училиштата овој проблем едвај се споменува, а досега ниедна институција ни се нема обратено за да не едуцира за овој проблем. Единствена комуникација со институциите беше остварена на наша иницијатива, во рамките на овој проект, каде што имавме можност да слушнеме за влијанијата на овие супстанции врз луѓето и како може да се спречи овој проблем кај младите луѓе“, вели младиот Брезовски.

Направиле и истражување во кое вклучиле 127 испитаници за да видат какви се познавањата на нивните соученици на овие теми.

Според Брезовски, институциите коишто се засегнати со овој проблем, како на пример полицијата, или медицинските лица кои што се одговорни за лечење на зависностите кај младите, треба да организираат различни едукативни кампањи и предавања во училиштата за да се зголеми свеста кај младите.

Ова за нив е ново искуство кое бара посветеност и ангажираност. На почетокот им било тешко да најдат релевантни информации, кои ќе ги обработат на начин прифатлив за нивните врсници. Но, низ овој процес им помогнала наставничката Симона Петковска Илиеска која им организирала предавања со стручни лица.

За Брезовски спроведувањето на кампањата било најинтересниот дел, бидејќи имале можност целосно да ја искористат нивната креативност.

„Во нашето училиште нема доволно вакви практични задачи. Ние би сакале да има повеќе активности, поради тоа што кај нас има и други проблеми со кои што се соочуваат децата и тинејџерите, како на пример малтретирање (булинг) во училиштата или сајбер-булинг, и други слични проблеми“, посочи тој.

Јовановиќ, пак, е задоволна од позитивните реакции кои ги добиле досега.

„Евидентно беше задоволството што и ние како млади активисти се трудиме да помогнеме и да ги едуцираме младите за овој проблем“, вели таа.

Ученичкиот проект на европски натпревар за младински активизам

Учениците самоиницијативно решиле да се пријават на натпреварот Pompidou Group на Советот на Европа посветен на младинскиот активизам на тема зависности. Резултатите ги очекуваат во септември, иако како што вели наставничката Петковска Илиеска, не се оптоваруваат со исходот, туку се задоволни што се нашле во друштво со уште 53 апликанти од 28 различни земји од Европа.

„Самиот факт што самостојно ја пополнија сериозната апликација за конкурсот мене ме прави среќна и знам дека тоа се 11 млади визионери за кои и во иднина ќе ги слушаме многу. Јас гордо ќе ги следам и ќе се радувам за нив“, вели таа.

„Овие 11 ученици често ги нарекувам моите супер-херои. И навистина сметам дека се херои кои со своите наизглед „мали“ чекори прават промени во сфаќањето за тоа што е добро образование. Тоа се идни граѓани кои ќе размислуваат јасно и независно.  Со овој проект тие стекнаа огромна самодоверба и компетенции за ученичко учество кои треба да предизвикаат промени“, додава Петковска Илиеска.

Таа е свесна дека учење преку проекти е меѓу најдобрите начини да се поврзат содржините од наставната програма со реалниот живот и потребите на младите. Затоа последните две години постојано ги вклучува своите ученици во разни активности, бидејќи според неа, активизмот од нив ќе направи слободни и самостојни граѓани кои ќе бидат коректор на општеството.

„Состојбата со пандемијата е дополнителен предизвик на сите нас, вклучени во образовниот процес. На децата не им е воопшто лесно да пронајдат дополнителна мотивација и да се вклучат во онлајн активизам. Особено ми е важна нивната емоционална состојба, за која постојано разговараме. Имавме моменти на кризи кои заедно ги надминувавме. Технологијата може да биде главна алатка во изразувањето на младите, но тука е и растечкиот тренд на сиромаштија во нашата земја и никако не смее да го заборавиме моментот дека некои деца немаат пристап до квалитетна технологија и со тоа не се во можност да се вклучат во истражувачки проекти. Образовните власти треба сериозно да го земат предвид сето ова и да им помогнат на младите“, истакнува Петковска Илиеска.

За учениците од D.A.T.A. пак, најголемо задоволство и успех е ако успеат со нивните едукативни предавања, постови и видеа да допрат до своите соученици, со промовирањето на позитивните аспекти од животот на тинејџерите без употреба на штетни супстанции.

Емилија Петреска