Проекција на „Соба со пијано“ и предавање на Игор Иванов – Изи и Томи Салковски

Студентскиот Парламент на Факултетот за Драмски Уметности – Скопје организира отворено предавање на Игор Иванов – Изи и Томи Салковски на тема „Студија на епизодни ликови“. Предавањето ќе биде проследено со проекција на македонскиот игран филм „Соба со пијано“ во режија на Игор Иванов. Настанот е закажан во четврток (24 март), со почеток во 20 часот, на Факултетот за Драмски Уметности.

Игор Иванов – Изи е дипломиран филозоф. Својата филмска кариера ја почнал во 1993, со режирање на неколку телевизиски филмови и серии. Помеѓу 1995 и 2004 има снимено и неколку кратки филмови. Краткиот филм „Бубачки“ се натпреваруваше на 54. „Берлинале“ и освои „Златен леопард“ на фестивалот „Локарно“. Во неговата филмографија влегуваат и четири епизоди од серијата „Наше мало“, „Превртено“, „Три дена во септември“.

Томи Салковски, пак, завршил студии по филмска и ТВ камера на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Во моментов, покрај како снимател, работи и како продуцент во својата продукциска куќа Скопје Филм Студио. Тој е и поранешен директор на Интернационалниот фестивал на филмска камера Браќа Манаки во Битола.

Во својата досегашна кариера, Салковски има работено како асистен снимател на филмовите „Џипси меџик“, „Преку езерото“, „Ливада“, а како директор на фотографија во филмовите „Излез“, „Преспа-парк“, „Бубачки“, „Соба со пијано“.