Проекција на „Исчезнувањето на пчелите“ и дискусија во „Менада“

„Кален“ во среда (19 јуни) од 20 часот во „Менада“ организира дискусија и проекција на документарецот „Исчезнувањето на пчелите“ во режија на Џорџ Ланџворти и Мериам Хенеин.

Од „Кален“ потенцираат дека се повеќе се освестуваме за еколошките катастрофи, за изумирањето на ендемските видови. Обединети Нации и останати интернационални институции прогласија исчезнување на многу видови животни и растенија, а прогнозите се се пострашни за целиот еко-систем и опстанок на планетава.

„Еден од загрижувачките и круцијални проблеми веќе неколку години е исчезнувањето на пчелите – главните опрашувачи на растенијата и притоа најглавната алка за регенерација. Според истражувањата пестицидите и останатите хемикалии се главната причина за изумирањето на пчелите и врз основа на тие податоци Франција неодамна забрани употреба на пестициди кои се штетни за пчелите. А се најавија исти такви забрани и во други европски држави“, се вели во најавата за настанот.

Со оглед на тоа дека проблемот е насекаде, па и во Македонија решиле на листата да ја стават и оваа проблематика.

„Како гостин овој пат за дискусија ќе ни дојде Цветанка Колева – 6 години регистрирана како Индивидуален земјоделец, 19 години се занимава со пчеларство, а последните 13 години ги практикува принципите на органско пчеларство според Законот за органско производство на РМ“, потенцираат од „Кален“.

Приказната на филмот што ќе се проектира е фокусирана на изненадното исчезнување на пчелите од кошниците низ светот причинето од не-добро разбраниот феномен познат како Colony Collapse Disorder или CCD (Нарушување и колапс на колонијата – феномен кој настанува кога мнозинството пчели работници исчезнуваат и ја напуштаат кралицата и колонијата и покрај изобилството на храна).

„Иако филмот не повлекува никакви филмски научни заклучоци за прецизна причина или причини за CCD, сепак предлага врска помеѓу Неоникотиноид пестицидите и CCD. Да се собереме уште еднаш, да споделиме и да научиме нешто повеќе за прекрасните работници и дарители на лек. За спас на пчелите и опстанок на живиот свет!“, стои во соопштението за настанот на „Каленковци“.