Проекција на филмoт „Борби со ветерници“ и дискусија во „Котур“

Во кафе-киното „Котур“ во понеделник, 24 ноември, од 20 часот ќе биде проектиран документарниот филм „Борби со ветерници“ на режисерот Борјан Гаговски.

Филмот претставува една година во животот на уметничкиот колектив „Ветерница“, кој работи со деца и лица со типичен и атипичен развој на театарски претстави, уметнички инсталации и музички и танцови перформанси.

„Преку нивните проби и настапи, камерата внимателно ги следи предизвиците со кои тие се соочуваат, но и нивниот креативен и емпатичен педагошки пристап, создавајќи визија за свет во кој од најрана возраст нè учат да создаваме, да си веруваме и да се грижиме едни за други“, велат од „Коалиција Маргини“.

По проекцијата ќе следи разговор модериран од Ангел Димитриевски, со учество на режисерот Борјан Гаговски и Билјана Димитрова од колективот „Ветерница“.

Камерата на филмот е на Борјан Гаговски и Јована Гаврилоска. Музиката исто така на Гаровски, кој се потпишува и на монтажата заедно со Никола Поповски. Продукција – „МакеДокс“.

Инаку, Радио МОФ повеќе пати досега има пишувано за колективот „Ветерница“ и „Партизанска штампа“, кои функционираат како еден хибрид на автономен културен центар и работилница, воедно место за другарство, солидарност и инклузивност.

[Мегафон] Билјана Димитрова: Уметноста може да направи позитивни промени, особено во инклузивното образование