Продолжува проектот „Зборувам на јазикот на мојот другар“ со кој се изучуваат албанскиот, македонскиот и турскиот јазик

Град Скопје почна со реализација на онлајн курсевите за изучување на албанскиот, македонскиот и турскиот јазик во десет средни училишта, наменети за ученици и наставници, преку проектот „Зборувам на јазикот на мојот другар“, информираат од градот.

Како што додаваат оттаму, проектот почнал да се реализира во март, но поради пандемијата со Ковид-19 курсевите биле прекинати.

„Со оваа активност ќе бидат опфатени 257 ученици кои ќе следат курс за изучување на македонскиот јазик, 102 ученици и 56 наставници кои ќе посетуваат курс по албански јазик и 105 ученици и 15 наставници кои ќе следат курс по турски јазик. Со посетување на курсевите младите ќе имаат можност да стекнат основни познавања на јазикот на кој зборуваат нивните соученици, што ќе придонесе за нивна јазична социјализација“, стои во соопштението на Град Скопје.

Курсевите кои се логистички и финансиски поддржани од Град Скопје ги држат наставници вработени во средните училишта и со нив се опфатени средните училишта „Здравко Цветковски“, „Никола Карев“, „Владо Тасевски“, „Арсени Јовков“, „Панче Караѓозов“, „Боро Петрушевски“, „Зеф Љуш Марку“, „Јосип Броз-Тито“, „Димитар Влахов“ и „Георги Димитров“.

Во останатите 13 училишта, од Град Скопје информираат дека вакви курсеви ќе бидат организирани во второто полугодие на оваа учебна година.