Продавница во Англија воведе „бавен шопинг“ за старите и лицата со попреченост

Супермаркет во Велика Британија „ќе го намали темпото“ на пазарување за два часа секој вторник, за да им помогне на постарите лица и луѓето со попреченост лагодно да пазаруваат.

Маркетот на синџирот „Sainsbury’s“ во Госфорт ќе започне со пробниот период на концептот наречен „бавен шопинг“, кој ќе се спроведува секој вторник од 13 до 15 часот. Луѓето кои ќе ја користат услугата ќе бидат пречекани на влезот на продавницата, каде вработен ќе им помогне со купувањето.

Настрана ќе бидат псотавени и столици, за луѓето кои имаат потешкотии да стојат и одат во текот на целото пазарување.

Идејата ја добила жителката на градот Катрин Веро, која имала проблеми при купувањето со нејзината мајка, која имала деменција. Откако мајка и починала, Веро била инспирирана да создаде услуга за бавен шопинг.

„Мајка ми обожуваше да пазарува, но како што се развиваше нејзината деменција, стануваше се потешко и постресно за двете“, вели Веро. „Но, не сакав да престане да излегува и да се изолира. Се прашував дали има начин двете да продолжиме да одиме на шопинг“.

Слично искуство имал и заменик-менаџерот на продавницата, Скот МекМеон, кој морал да му помага на неговиот татко. Поради тоа, ја прифатил идејата на Веро.

„Кога татко ми се разболе од рак, видов колку е за него тешко да пазарува, а сакаше да продолжи да доаѓа сам за да си ја задржи независноста. Затоа, кога Кетрин ми пристапи со идејата за бавниот шопинг, бев среќен што можам да помогнам“, вели.

Ова не е прва продавница во Англија која се прилагодила на потребите на своите купувачи. На почетокот на годинава, супермаркет во Манчестер воведе „тивок час“ за муштериите со аутизам.