Прирачник за предавање контроверзни теми во училница и промовирање отворен дијалог

Предавање и дискусија на контроверзните теми се уште претставува предизвик за наставниците од училиштата во нашата земја. Дури 86% од учениците никогаш немале можност да разговараат за тековни општествени прашања во рамки на образованието, велат од Здружението Лидери за едукација, активизам и развој.

За да се надмине ваквата состојба, тие објавија прирачник за предавање на контроверзни теми во училница, наменет за наставници и целосно преведен на македонски јазик.

Прирачникот е наменет за професионален развој на наставници и е дизајниран за поддршка и унапредување на предавањето на контроверзни прашања во училиштата.

Тој треба да овозможи „безбедни катчиња“ во училницата каде што учениците ќе можат слободно и без страв да  истражуваат прашања коишто ги засегаат, како и употреба на наставни стратегии и техники кои промовираат отворен и почитуван дијалог.

Содржи конкретни алатки и техники за предавање и опфаќање на различни теми, како што се религија, родови улоги, еднородителски семејства, сексуална определба, екстремизам и слични теми, во училница.

Ваквиот пристап на предавање треба да ги подобри знаењата на учениците и да поттикне дијалог на ученици со различни ставови и вредности.

„Контроверзните теми, кои ги дефинираме како теми за кои постојат спротивставени мислења во општеството и будат силни чувства кај луѓето, е значајно да се дискутираат во рамки на образовниот процес за да се поттикне дијалог за истите и да се развие свест за важноста од дискутирање кај истите кај младите, уште од најмала возраст. Избегнувањето на дискусиите на овие теми и недостигот на конструктивен дијалог за истите само води кон поделба на општеството и зголемување на меѓусебната нетрпеливост“, вели Илија Станковски, Програмски директор на здружението.

Поттик да се изработи еден ваков прирачник била јавната загриженост што произлезе како резултат на голем број насилни инциденти и социјални нарушувања во различни европски земји како англиските немири (2011), норвешките злосторства од омраза од 2011 година, и нападот врз „Шарли Ебдо“ во Париз, во 2015 година. Овие настани, како што велат од здружението, инспирираа создавање на ново размислување во образованието за демократија и човечки права.

„Исто така се покренуваат и прашања за академската слобода и улогата на личните убедувања и вредностите на наставникот. За училишното раководство и менаџментот, контроверзните прашања покренуваат прашања за политика, на пример на кој начин да им се даде поддршка на наставниците кои ќе ги предаваат овие прашања, како да се обезбедат дополнителни можности за дијалог во рамките на училишната заедница (на пример, преку демократски форми на управување со училиштата), како да се промовира поддржувачки училиштен етос, како да се следи целокупниот квалитет на обезбедувањето и како да се решат анксиозностите на родителите и другите надвор од училиштето“, се вели во прирачникот.

Прирачникот е оригинално издаден од Советот на Европа и преведен на преку 15 јазици во Европа. Македонската верзија на прирачникот е бесплатно достапна и може да се преземе од веб страната на LEAD на следниот ЛИНК, додека албанската верзија може да се преземе на следниот ЛИНК.

Прирачникот е изработен во рамки  на проектот „Наставници за едукација, демократија и човекови права“ имплементиран од Здружението LEAD,  заеднички финансиран од Европската Унија и Советот на Европа во рамки на програмата „Демократска и инклузивна училишна култура во функција“.